Општина Тетово веќе има 350 вработени со решенија, а денеска Советот усвои и план за нови вработувања

Општина Тетово / Фото: МИА

Општина Тетово доби годишен план за вработувања со кој во 2023 година во општинската администрација ќе има можност за нови вработувања. Планот беше изгласан на третата седница на Советот денеска, на што претходеше дебата во Советот.

Советниците од ДУИ, кои се опозиција во тетовскиот градски совет, ја критикуваа оваа одлука, прашувајќи го мнозинството предводено од Беса зошто се зголемува бројот на нови вработени, за што Беса и градоначалникот Биљал Касами ја обвинуваа претходната власт.

-Излегува дека Општина Тетово има потреба да вработува нови луѓе, иако има 350 лица со решение. Ја оптоварувате општинската администрација со нови вработувања, а ние знаеме дека имате и нови вработувања со договор на дело, обвинија од ДУИ.

Претседателот на Советот, Бесар Дурмиши, образложи дека оваа одлука е техничка работа и законска обврска доколку општината сака воопшто да вработи нови административци. За одговор се јави и градоначалникот Касами, кој рече дека општината „има привремени вработувања пред сѐ на експерти“.

-Тоа се привремени вработувања со придонеси за луѓе кои се експерти, на пример во областа на урбанизмот. Ние нема да продолжиме со практиката да се вработуваат партиски милитанти, рече Касами од говорницата.

Претседателот на Советот Дурмиши во изјава за медиумите рече дека годишниот план се прави со цел да се проектираат можните вработувања во општината, а можно е тие и да не се остварат.

-Тоа е превидено законски да помине, го бара Министерството за информатичко општество и администрација. После ако треба да се вработат луѓе пак треба Општината да поднесе барање до Министерството, ова е како документ да помине и да се поднесе во Министерство. Нема нови вработувања, но ако има потреба општината ќе мора да вработи според таа програма каде има 23 предвидени работни места. За нив според балансерот 16 места се за Албанци, шест за Македонци и еден за Ром. Ако општината има потреба ќе поднесе пак барање до Министерството да даде согласност и после се отвора огласот, изјави Дурмиши.

Во годишниот план се опфатени и пензионирања, унапредувања и преземања на вработени. На третата седница има 41 точка, а ќе се расправа два дена.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот