Општина Гостивар влегува во изборна трка со најголем долг во Македонија, вели независниот кандидат Адеми
Независниот кандидат за градоначалник на Гостивар, Висар Адеми, на денешната прес-конференција изјави дека локалната самоуправа влегува во изборната трка со најголем долг во Македонија. Според официјалните податоци што ги презентираше, долгот на општината изнесува 693 милиони денари (околу 11,3 милиони евра), а заедно со обврските на јавните претпријатија достигнува 25 милиони евра.
Препорачано
Адеми се сомнева дека дел од договорите склучени од општинската администрација не се во согласност со извршените работи, посочувајќи примери поврзани со проектантски услуги, санација на улични дупки и реконструкција на салата на Советот на општината.
-Ваквото финансиско управување го парализира развојот на Гостивар и директно му штети на квалитетот на живот на граѓаните – рече Адеми.
Тој воедно претстави и план за финансиска консолидација и трансформација на општината кој, како што истакна, предвидува постепено раздолжување и воведување буџетска дисциплина, максимална транспарентност и отчет, институционална реорганизација за поголема ефикасност, како и воведување дигитални иновации за современ модел на локално управување.


