Општина Гази Баба му одговори на Нухиу: Никој не ги дискриминира албанските ученици, немаме училишна зграда

Општина Гази Баба во реакција за изнесените ставови на заменик-министерот за образование и наука Агим Нухиу кој обвини дека „Општината го прекршува членот 137 од Кривичниот законик со тоа што не им оневозможуваат на учениците Албанци да учат на мајчин јазик и ризикува казна од шест месеци до пет години затвор“, укажува дека во рамки на училиштата кои се наоѓаат на територија на општина Гази Баба, веќе се посетува настава на мајчин албански јазик и тоа во три основни училишта.
Во предметното ОУ Његош, во кое се бараат дополнителни паралелки на албански наставен јазик, веќе се одржува настава од прво до петто одделение, а за наставата од 6 до 9 одделение им се овозможува бесплатен високо квалитетен превоз до најблиското населено место Огњанци. Ова е решение се додека не се изгради нова училишна зграда во населеното место Идризово. Во овој контекст би сакале да укажаме дека во рамки на училиштата кои се наоѓаат на територија на општина Гази Баба, веќе се посетува настава на мајчин албански јазик и тоа во три основни училишта. Подрачно училиште Кирил и Методиј во Страчинци, 9 паралелки 91 ученик, основно училиште 25 Мај во Сингелиќ 63 паралелки 1695 ученици и во основно училиште Његош 5 паралелки 44 ученици – појаснуваат од Општината.
Тие велат дека во моментот не се во можност да формираат нова паралелка во ОУ „Његош“, бидејќи има одредени предизвици, како што се продолжување на наставата која ќе трае најдоцна до 19 или 20 часот, усогласување со возниот ред на ЈСП и патот по кој би се движеле пешки во вечерните часови кој е регионален пат и претставува опасност.
Истиот начин на функцинирање, тие велат дека е и во рамки на ОУ Климент Охридски, каде децата од подрачното училиште во населеното место Раштак, посетуваат настава на македонски наставен јазик, прво до петто во Раштак а шестото одделение го продолжуваат во населеното место Булачани.
Од Општина Гази Баба појаснуваат дека веќе е утврдена локација за изградба на нова училишна зграда, а Барањето за изработка на урбанистички план е испратено до Владата, МОН и Министерството за транспорт и врски.
Со сето ова што веќе го истакнавме погоре, потенцираме дека не станува збор за дискриминација согласно член 137, како што наведува заменик министерот Нухиу, туку општина Гази Баба на прво место ја става безбедноста и сигурноста на учениците на нејзината територија и засега успева во тоа на најдобар начин – велат од Општината.
Општина Гази Баба упати и прашање до заменик министерот Нухиу потсетувајќи го на посетата на Идризово во 2019 година на која присуствуале тогашниот министер за образование, тогашниот градоначалник и повеќе тогашни пратеници кои денес извршуваат високи државни позиции, а се од ДУИ: Кои чекори ги има превземано Владата од 28.09.2019 година до денес за реализација на ова ветување дадено пред граѓаните на Идризово?
Арбр Адеми кој во 2019 година беше министер за образование, тогаш изјави дека лично се сретнал и разговарал со жители од Идризово и оти за 11-те ученици Албанци од шесто одделение ќе им се обезбеди настава на мајчин јазик, било преку обезбедување превоз или друг модус за кој се определиле како привремено решение.
Постојаното решение, тој додаде дека ќе биде изградба на ново училиште во Идризово, што и било барање на жителите од ова село од порано, а за што има одобрение и од Владата.
Процесот на изградба ќе трае подолго време, рече министерот за образование и посочи дека Општина Гази Баба презела обврска да ја изготви техничката докумнетација, да издаде дозвола за градење и за пренамена на локацијата, а МОН откако ќе ја добие целосната документација ќе објави јавна набавка за реализација на изградба на новиот училишен објект.
Актуелниот заменик-министер Агим Нухиу во интервју за Телевизијата Алсат вчера изјави дека ја разгледува можноста кривично да го гони градоначалникот на Општина Велес Марко Колев и градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стевсковски за дискриминација на учениците Албанци во нивните општини. Нухиу рече дека двајцата градоначалници го прекршуваат членот 137 од Кривичниот законик со тоа што им оневозможуваат на учениците да учат на мајчин јазик и ризикуваат казни од 6 месеци до 5 години затвор.
„Ние мислиме дека треба да ги користиме и инструментите од кривично правен карактер, тоа е член 137 од Кривичниот законик кој го санкционира прашањето за еднаквост и недискриминација. Било кој градоначалник, па и тој на Гази Баба, кога ќе се покрене кривична, кога ќе му ставаат лисици за кривично дело, знаете ли какво е кривичното дело, казниво од 6 месеци до 5 години. Кога ќе му ставате лисици на секој градоначалник кој дискриминира дури и едно дете Албанец, праќаме друга порака, дека институциите на системот работат и не само со политички битки и да играме цртан филм „Томи и Џери“, изјави Агим Нухиу, заменик министер за образование.
На прашањето дали размислуваат за преземање ваква иницијатива, Нухиу посочи дека размислуваат да ги пријават за кривично дело и оти „никој не треба да помисли да си игра со чувствата и интересите на децата Албанци и другите.
Во Велес, пак, Државниот просветен инспекторат и Министерството за образование и наука дозволија ученици со послаб успех и спротивно на Законот со кој се потребни минимум 60 поени за упис во гимназиите, да се запишат во гимназијата „Кочо Рацин“.
Станува збор за 16 ученици кои гимназијата „Кочо Рацин“ одби да ги прими бидејќи се под минимумот од 60 поени, што е услов за прием во гимназиите во земјава во учебната 2023/24 година.