Учениците без законски минимум од 60 поени сепак се запишаа во велешката гимназија „Кочо Рацин“

Училиште, училниц
Празна училница /Фото: Слободен печат - Драган Митрески

Директорот на Државниот просветен инспекторат е задоволен што во соработка со Министерството за образование и наука издејствувале ученици со послаб успех и спротивно на Законот со кој се потребни минимум 60 поени за упис во гимназиите, да се запишат во гимназијата „Кочо Рацин“ во Велес.

Директорот на Државниот просветен инспекторат Халит Ферати вчера соопшти дека е надминат проблемот во велешката гимназија „Кочо Рацин“ и учениците кои во вториот уписен рок не го исполнија законскиот минимум од 60 поени, кој важи за сите гимназии во земјата, сепак ќе можат да ја следат наставата во оваа гимназија. Како што изјави Ферати, учениците кои имаат над 50 поени ќе се образуваат во „Кочо Рацин“, а останатите ученици кои имаат до 50 поени ќе се запишат во Економското средно училиште.

Станува збор за 16 ученици кои гимназијата „Кочо Рацин“ одби да ги прими бидејќи се под минимумот од 60 поени, што е услов за прием во гимназиите во земјава во учебната 2023/24 година.

Претходно реакција имаа и дел од политичарите од албанскиот блок. Изет Меџити на неговиот Фејсбук-профил напиша дека „ова е само уште еден доказ дека омразата кон Албанците е помоќна од загарантираното право на образование на мајчин јазик“. Беким Сали изрази загриженост оти Македонија „се враќа повеќе на српскиот полигон од 90-тите години“.

Од Алијанса за Албанците им порачаа да бидат внимателни во ниските обиди за политичка корист на сметка на албанските ученици.

„Слободен печат“ го контактираше директорот на Државниот просветен инспекторат, за да појасни на кој начин е донесена оваа одлука и дали се прават законски промени за да можат учениците со послаб успех да се запишат во гимназиите.

Во краткиот одговор што го добивме од директорот Ферати се наведува дека „МОН преку писмен допис испрати насока за постапување до повеќе општини (Велес, Долнени, Дебар и Пласница), односно училишта кои се обратија до нас со цел надминување на одредени предизвици при процесот на запишување нови ученици во учебната 2023-2024 година и овозможување на правото на средно образование“.

Насоката беше во оние јавни средни училишта, каде учениците (кои живеат во истата општина каде е и училиштето) немаат избор на квалификација согласно нивниот претходен успех, а имаат поднесено документација, училишната комисија треба да ги запише, имајќи предвид дека средното образование, како и основното е задолжително согласно Уставот и законите – се наведува во одговорот.

На прашањето дали со ова се дискриминираат оние ученици кои биле одбиени во првиот уписен рок, а имале 59 поени, директорот не даде одговор.

Професорите од велешката гимназија пред почетокот на учебната година, побараа од надлежните, во нивната работа да не се меша политиката и да ги остават да ја работат и да ги образуваат учениците. Посебно и стриктно за сите гимназии во земјава да се почитуваат критериумите од конкурсот за упис, што ги има издадено токму надлежното Министерство за образование и наука.

Министерството за образование и наука испрати допис до гимназиите во Велес, Маврово Ростуше, Житоше и Долнени да ги запишат учениците кои не го исполнуваат законскиот минимум, во спротивно ќе бидат принудени задолжителното средно образование да го продолжат во други градови.

Од кабинетот на министерот за образование и наука, Јетон Шаќири за „Слободен печат“ тогаш појаснија дека не се работи за никаква наредба, туку надминување на одредени предизвици при процесот на запишување нови ученици во учебната 2023-2024 година и овозможување на правото на средно образование.

На прашањето дали ова ќе важи и за скопските гимназии каде има слободни места, од Министерството изјавија дека ова се однесува само за наведените општини.

Тие посочија дека работат на надминување на овој проблем и од следната учебна година ќе се сменат критериумите за запишување во гимназиите во горенаведените општини.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот