Општина Центар отпочна постапката за вештачењето на фактичката состојба на улицата „9 Мај” за периодот од 2007 до 2009 година

Општина Центар изминатиот месец почна со реконструкција на улицата „9 Мај” во населбата Буњаковец, улица со ударни дупки и асфалт, која последен пат е реконструирана во 2009 година.

При реконструкцијата, како што информира Општина Центар, се увиде дека дебелината на поставениот слој на асфалтот е само три сантиметри, односно дури три пати помало од она што е предвидено во проектот за последната реконструкција, изработен во 2007 година.

Општина Центар соопшти дека за оваа улица веќе е отпочната постапката за вештачењето на фактичката состојба на улицата во изминатите 11 години.

-Вештачењето ќе се изврши врз парчињата асфалт извадени од самата улица и од постоечката документација за улицата. Сакам да напоменам дека ќе ја ограничиме истражната постапката на периодот од 2007 до 2009 година, изјави градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ.

Ова ограничување на постапката, додаде Богдановиќ, е со цел да избегнеме ширење на шпекулации со имиња и одговорност, со единствена цел – да добиеме непристрасна и објективна постапка, која подоцна ќе послужи како основа за понатамошни активности кои општината ќе ги преземе за утврдување на одговорноста во досегашната состојба со улицата „9 Мај”.

Општина Центар периодов е активна со реконструкција на повеќе улици на нејзина територија, меѓу кои е и улицата „9 Мај”, каде стариот асфалт веќе се заменува со нов, со дебелина од девет сантиметри, а ќе се изведат нови тротари и улицата ќе добие нова урбана опрема и зеленило.

Видео на денот