Новиот лунапарк во фаза на проектирање, на терен ништо не е мрднато
Новиот забавен парк ќе се простира на оградена површина од 28.800 квадратни метри. Од Градот тврдат дека нема да се одзема површина од Градскиот парк, бидејќи во оваа квадратура е вклучен и просторот на поранешните, сега веќе отстранети дискотеки.
Град Скопје на почетокот на мај склучи договор за проектирање, набавка и монтажа на реквизити за забавен парк со партерно уредување и придружни објекти со фирмата „Мастеф“, вреден над 620 милиони денари или нешто повеќе од 10 милиони евра. Со тоа конечно, по години и години празни најави, треба да започне изградбата на забавниот парк во Градскиот парк.
Препорачано
Додека траеше тендерската постапка, градските претпријатија ги урнаа летните дискотеки лоцирани на просторот околу некогашниот лунапарк за да се подготви теренот за изградба и поставување нови реквизити.
На терен и понатаму стои шутот од урнатините, ништо не е расчистено, ниту пак е започната изградбата на долгоочекуваниот забавен простор особено од најмладите скопјани.
Од Градот објаснуваат дека во тек е проектирање, кое се одвива во соработка со професори и стручни лица.
По завршувањето на постапката за јавна набавка, избраната компанија е во комуникација со професори и стручни лица од Градежниот и Машинскиот факултет со цел во процесот на проектирање и изградба на лунапаркот да бидат применети највисоките безбедносни стандарди – велат од Град Скопје.
Фирмата „Мастеф“ избрана да го гради лунапаркот, нејзината понуда била најповолна за Град Скопје
На прашањето колку реквизити ќе бидат поставени и ќе има ли и некакви нови содржини, како и за тоа каков ќе биде сообраќајниот пристап и дали е предвиден паркинг оттаму велат дека граѓаните за сето ова ќе бидат навреме информирани.
Реквизитите што ќе бидат поставени се во согласност со спецификациите и барањата дефинирани во јавната набавка. За сите дополнителни детали и за текот на реализацијата на проектот, јавноста ќе биде навремено информирана – кратко одговараат оттаму.
Но, не објаснуваат што се случи со реквизитите што наводно беа набавувани во мандатите на поранешните градоначалници и дали некој од нив ќе си најде место во новиот забавен парк.
Новиот лунапарк ќе се простира на оградена површина од 28.800 квадратни метри. Од Градот тврдат дека нема да се одзема површина од Градскиот парк, бидејќи во оваа квадратура е вклучен и просторот на поранешните, сега веќе отстранети дискотеки.
Она што сакаме да го истакнеме е дека по три децении девастирање, скопјани може да очекуваат дека ќе добијат нов лунапарк до средината на 2027 година – најавуваат градските власти.
Според условите во јавниот оглас, предвидени и во склучениот договор, со идејниот и основниот проект што ќе се изработи, треба да бидат опфатени 16 реквизити, кои се детално разработени со техничка спецификација со соодветните градежни површини во согласност со урбанистичката документација.
Па, така, во новиот забавен парк се планира да има платформа за туркање со автомобилчиња, потоа три ролеркостери – мини, детски и семеен, мал и голем пиратски брод, панорамско и мини панорамско тркало, вовче на шини, адреналинска машина за летање, рингишпил, авантуристичка машина за вртење, реквизити со авиончиња, за возење во шолји со чај и за возење со кенгури, а предвидено е и возење со авион.
ФОТО | Започна уривањето на дискотеките во Градски парк, се „чисти“ теренот за новиот лунапарк
Од вкупната предвидена сума со договорот од над 620 милиони денари, 5,3 милиони ќе се потрошат за изработка на идеен проект и основен проект за изградба на забавниот парк.
Инаку, според договорот, изведувачот, меѓу другото, има обврска за изработка на елаборат за квалитет на вградениот бетон од овластена лабораторија за испитување бетон и арматура. Покрај тоа, изведувачот има обврска да изработи ревидиран проект за оградување на градилиштето и да изврши обележување на границите и поставување огради околу градилиштето. Она што е значајно е и обврската за изработка на ревидиран проект за обезбедување градежна јама по сите стандарди за тој тип работи.
Колку за потсетување, лунапаркот почна да се гради во април 2017 година, во мандатот на Коце Трајановски, по идеен проект на „Билд урбан“, а неговата изградба тогаш беше проценета на околу 6,5 милиони евра. Според проектот, во паркот требаше да има 27 реквизити, од кои три адреналински, шест семејни и 18 детски, но и лулашки, вртелешки и тобогани.
Неговиот наследник градоначалникот Петре Шилегов сметаше дека не е добар проектот на Трајановски и најави изградба на поголем забавен парк, според нов проект што беше претставен две години подоцна. Поради пандемијата со коронавирусот, изградбата на забавниот парк речиси се заборави, а повторно стана актуелен како предизборно ветување на локалните избори во 2021 година, кога го ветуваа и Шилегов и Данела Арсовска.
Арсовска ветуваше дека Скопје ќе добие забавен парк во првите две години од нејзиниот мандат опремен со ролеркостери, вртелешки, тобогани, 7Д кино, картинг, односно со содржини и реквизити за сите возрасти.
Сепак, и покрај досегашните ветувања, генерации млади скопјанчиња израснаа без можност за забава во лунапарк. Според најавите на Ѓорѓиевски, Скопје ќе го добие новиот на 10-годишнината од првичниот почеток на „изградбата“ во времето на Трајановски.


