Фирмата „Мастеф“ избрана да го гради лунапаркот, нејзината понуда била најповолна за Град Скопје
Станува збор за фирма за која СДСМ уште пред една година обвини дека е една од омилените на власта, која преку тендери добива милионски суми. Според проверката на Електронскиот систем за јавни набавки, Општина Кисела Вода во мандатот на Орце Ѓорѓиевски со оваа фирма има склучено два договора тешки речиси 1,5 милиони евра.
По повеќе од два месеци откако заврши јавниот повик на Град Скопје за избор на фирма за проектирање, набавка и монтажа на реквизити за забавен парк со партерно уредување и пропратни објекти, конечно – изборот е направен.
Препорачано
На Електронскиот систем за јавни набавки е објавено дека е донесена одлука и дека за најповолен понудувач е избрано Друштво за градежништво, трговија на големо и мало, увоз-извоз „Мастеф“ ДООЕЛ Скопје. Каква понуда дала оваа фирма и колку ќе го чини лунапаркот Град Скопје, веројатно ќе обелодени градоначалникот Орце Ѓорѓиевски откако ќе биде потпишан договорот.

Инаку, „Мастеф“ ДООЕЛ е фирма за која СДСМ уште пред една година обвини дека е една од омилените на власта која преку тендери добивала милионски суми и дека во последните три години добила тендери вредни над 4 милиони евра.
Според СДСМ, во Општина Кисела Вода кога градоначалник беше Орце Ѓорѓиевски , за период од 2022 година до 2024 година, „Мастеф“ добило тендери во вредност од 1,7 милиони евра, а во Општина Аеродром, во мандатот на Тимчо Муцунски склучени биле договори во износ од речиси еден милион евра.
Според проверката на Електронскиот систем за јавни набавки, Општина Кисела Вода во мандатот на Ѓорѓиевски со оваа фирма има склучено два договора, едниот за поставување на урбана опрема во дворовите на детските градинки и основните училишта на територија на општината и изградба на детски и спортски игралишта во населба Драчево, село Драчево, Пржино, населба Градинар, Пинтија, Расадник, Кисела Вода, Каменик, склучен на 2.04.2024 година во износ од 70 милиони денари. Уште еден договор со оваа фирма е склучен на 10 септември во вредност од 19,5 милиони денари за изградба на спортска сала во подрачното основно училиште „Круме Кепески“ во Припор. Или, прикажано во евра, оваа фирма со Општина Кисела Вода склучила два договори со вкупна вредност од речиси 1,5 милиони евра.

Уште на 13 јануари заврши јавниот повик на кој Град Скопје бараше фирма за проектирање, набавка и монтажа на реквизити за забавен парк со партерно уредување, но досега немаше информација дали на тендерот се јавила некоја фирма и дали граѓаните можат да очекуваат Скопје повторно да има лунапарк.
Во јавниот оглас критериум за доделување на договорот беше најниската понудена цена, но во него не беше прецизирана проценетата вредност на проектот. Идејниот и основниот проект кој ќе се понуди на огласот требаше да содржи 16 реквизити, кои се детално разработени со техничка спецификација со соодветните градежни површини согласно урбанистичката документација.
Па така, во новиот забавен парк се планира да има платформа за туркање со автомобилчиња, потоа три ролеркостери – мини, детски и семеен, мал и голем пиратски брод, панорамско и мини панорамско тркало, вовче на шини, адреналинска машина за летање, рингишпил, авантуристичка машина за вртење, како и реквизити со авиончиња, за возење во шолји со чај и за возење со кенгури.


