Тендерската постапка во завршна фаза, за месец дена треба да започне да се гради лунапаркот во Скопје
Уште на 13 јануари заврши јавниот повик на кој Град Скопје бараше фирма за проектирање, набавка и монтажа на реквизити за забавен парк со партерно уредување, но досега немаше информација дали на тендерот се јавила некоја фирма и дали граѓаните можат да очекуваат Скопје повторно да има лунапарк.
Препорачано
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски на денешната седница посветена на советнички прашања истакна дека тендерската постапка е во финална фаза и дека доколку заврши како што треба би требало за 30 до 40 дена да започнат градежни активности за новиот лунапарк.
Но како што истакна, Градот ангажирал правен тим кој треба да испита зошто во минатото се плаќале реквизити, иако комисии утврдиле дела не само потеклото, туку и квалитетот не е задоволувачки, но ништо не било преземано.
Ангажиравме сериозен правен тим којшто работи и верувам во правна разрешница којашто на Градот би му ги вратила тие средства кои биле на времето исплатени за реквизити кои ги нема видено ни едно дете во лунапаркот – вели градоначалникот.
Штом заврши постапката треба со сигурност да се знае дали ќе започне изградбата на, како што неодамна рече Ѓорѓиевски, ултрамодерен лунапарк, изграден според највисоки европски стандарди.
Во јавниот оглас критериум за доделување на договорот беше најниската понудена цена, но во него не беше прецизирана проценетата вредност на проектот. Идејниот и основниот проект кој ќе се понуди на огласот требаше да содржи 16 реквизити, кои се детално разработени со техничка спецификација со соодветните градежни површини согласно урбанистичката документација.
Па така, во новиот забавен парк се планира да има платформа за туркање со автомобилчиња, потоа три ролеркостери – мини, детски и семеен, мал и голем пиратски брод, панорамско и мини панорамско тркало, вовче на шини, адреналинска машина за летање, рингишпил, авантуристичка машина за вртење, како и реквизити со авиончиња, за возење во шолји со чај и за возење со кенгури.
Лунапаркот почна да се гради во април 2017 година, во мандатот на Коце Трајановски, а досега не успеаја да го изградат ниту двата градоначалника по него Петре Шилегов и Данела Арсовска.
Дали тоа ќе му успее на актуелниот градоначалник и кога, зависи дали тендерот ќе биде завршен според неговите очекувања.


