Луна Парк/Слободен Печат/фото Слободан Ѓуриќ

Со години се менуваа проекти и се склучуваа договори и Скопје пак нема лунапарк, сега на ред е Ѓорѓиевски

Град Скопје распиша јавен оглас во петокот, а заинтересираните фирми своите понуди за проектирање, набавка и монтажа на реквизити за забавен парк со партерно уредување и пропратни објекти, можат да ги испратат најдоцна до 13 јануари.

Еден градоначалник го урна и го направи првиот чекор за изградба, двајца потоа го најавуваа и по нешто подработуваа, а четвртиот деновиве распиша јавен оглас за проектирање и монтажа на лунапарк. Дали конечно се навестува денот кога после речиси 10 години скопјани ќе добијат нов забавен парк?

На граѓаните им останува да се надеваат дека тендерот ќе биде успешен и дека ќе се јави фирма која ги исполнува критериумите во огласот, а дека Град Скопје ќе обезбеди доволно средства за да може проектот да се реализира. Затоа што на сите жители, особено на семејствата со мали деца доволно им се неостварени ветувања без можност да ги однесат најмладите некаде да се забавуваат, како што тоа го правеле нивните родители пред многу години, особено што во изминатите години беа распишани тендери и склучувани договори, но реализацијата не се „помрдна од место“.

Луна Парк/Слободен Печат/фото Слободан Ѓуриќ

Град Скопје го распиша огласот во петокот, а заинтересираните фирми своите понуди за проектирање, набавка и монтажа на реквизити за забавен парк со партерно уредување и пропратни објекти, можат да ги испратат најдоцна до 13 јануари. Дури потоа со сигурност ќе се знае дали ќе започне изградбата на, како што вели градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, ултра модерен лунапарк, изграден според највисоки европски стандарди.

Ќе создадеме простор исполнет со ролеркостери, водени атракции, интерактивни игри, зони со виртуелна реалност и целосно ново ниво на урбана забава. Посебно внимание посветуваме на пристапноста. Лунапаркот ќе биде комплетно прилагоден и за лицата со попреченост, со најсовремени системи за безбедност, видео надзор и прва помош. На овој простор од 84.000 квадратни метри ќе никне место каде семејствата ќе поминуваат квалитетно време заедно, каде ќе има зони за одмор, улична уметност, локации за културни настани и театар со затворена сцена – вели градоначалникот.

Според објавениот оглас во кој критериум за доделување на договорот е најниската понудена цена и во кој не е прецизирана проценетата вредност на проектот, идејниот и основниот проект треба да содржи 16 реквизити, кои се детално разработени со техничка спецификација со соодветните градежни површини согласно урбанистичката документација.

Кандидатите за градоначалници најавуваат едно те исто: Луна паркот најветуван проект, а три мандати остана неизграден

Па така, во новиот забавен парк треба да има платформа за туркање со автомобилчиња, потоа три ролеркостери – мини, детски и семеен, мал и голем пиратски брод, панорамско и мини панорамско тркало, вовче на шини, адреналинска машина за летање, рингишпил, авантуристичка машина за вртење, како и реквизити со авиончиња, за возење во шолји со чај и за возење со кенгури.

Луна Парк/Слободен Печат/фото Слободан Ѓуриќ

Во огласот е наведено и дека со цел да се обезбеди соодветно ниво на конкуренција, договорниот орган може, доколку е тоа неопходно, да ги земе предвид доказите за изведени работи пред повеќе од пет години. Економскиот оператор треба да има искуство во успешно реализирани најмалку 3 договори поврзани со предметот на набавка, за набавка и поставување урбана опрема или детски реквизити, во последните пет години, од кои барем еден договор треба да е со вредност од најмалку 25 милиони денари.

Лунапаркот почна да се гради во април 2017 година, во мандатот на Коце Трајановски, по идеен проект на „Билд урбан“, а неговата изградба беше проценета на околу 6,5 милиони евра. Според проектот, во паркот требаше да има 27 реквизити, од кои три адреналински, шест семејни и 18 детски, но и лулашки, вртелешки и тобогани.

Град Скопје идната недела распишува тендер за лунапарк

Неговиот наследник во градската фотелја Петре Шилегов сметаше дека не е добар проектот на Трајановски и најави изградба на нов поголем забавен парк, според нов проект што беше претставен две години подоцна. Поради пандемијата со коронавирусот изградбата на забавниот парк речиси се заборави, а повторно стана актуелен како предизборно ветување на локалните избори во 2021 година, кога го ветуваа и Шилегов и Данела Арсовска.

Арсовска ветуваше дека Скопје ќе добие забавен парк во првите две години од нејзиниот мандат опремен со ролеркостери, вртелешки, тобогани, 7Д кино, картинг, односно со содржини и реквизити за сите возрасти.

После сите ветувања она што реално денеска го имаме на терен, каде што на времето функционираше стариот парк „Луна“, се неколку изградени патеки и голема влезна порта.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот