Општина Битола сама ќе гради прифатилиште за бездомни кучиња, градоначалникот вели дека Владата одбила да го финансира

Фото: Слободен печат / Васка М. Младеновска

Откако според денешната изјава на градоначалникот на Битола Тони Коњановски, Владата одби да ја финансира изградбата на прифатилиштето за бездомните кучиња, Општината Битола ќе го гради со сопствени средства.

Иако Општина Битола во својот буџет имаше предвидено 46.586.092 денари за оваа цел, локалната самоуправа сепак поднесе барање до Владата таа да ја финансира изградбата на прифатилиштето.

„Иако од страна на Владата беше ветувана поддршка за целосна изградба на прифатилишта низ државата, Општина Битола и за овој проект е одбиена од централната власт. Како локална самоуправа која навистина се грижи за безбедноста на своите граѓани, продолжуваме со работа на терен, потполно заборавени, а овојпат и на наше барање отфрлени од централната власт. Неодамна, слушајќи ги насоките на премиерот Ковачевски, поднесовме комплетна проектна документација за поддршка во реализацијата на целиот проект за изградба на прифатилиште во вредност од 46.586.092 денари, со цел заедничко и брзо делување во решавањето на овој горлив проблем за Битола. На ова, добивме одговор дека, Владата не планира средства за Општина Битола, за оваа намена. Ваквата постапка, ги негира ветувањата на премиерот дека, нивната тенденција е решавање на проблемот со бездомните животни на национално ниво, дека планираат комуникација со Брисел за обезбедување финансии за решавање на оваа проблематика, како и дека сите региони имаат еднаква важност за централната власт“, рече Коњановски.

З„а жал, Пелагонискиот регион и посебно Битола се целосно неважни за власта, а тоа го потврдува и ова мислење од Министерството за финансии доставено до Општината, во кое на нашето барање за финансиска помош од Владата во делот на реализација на прифатилиштето и измени во законската регулатива, Министерството не известува дека во буџетот немаат планирани средства за оваа намена и ни укажуваат дека Општината е потребно да ги планира потребните средства за оваа намена во рамките на буџетот“, додаде тој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот