Фото: Општина Аеродром

Општина Аеродром бара 50 улици во Лисиче повторно да се викаат Тодор Чангов и 30 Ѓорѓи Капчев

На последната седница на Советот на Општина Аеродром усвоена е иницијатива со која се бара од Советот на Град Скопје да донесе одлука за враќање на старите имиња на 83 улици во Лисиче. Иницијативата ја предложи председателот на Советот, Дејан Митевски, а е изгласана со мнозинство гласови на советниците од ВМРО-ДПМНЕ.

Советот на Град Скопје во март 2021 година донесе одлука за промена на имињата на 478 улици, на пет мостови и три плоштади. Дел од новите имиња всушност претставуваа враќање на старите имиња на познати скопски улици како што се Ленинова, Водњанска, Мексичка и други, кои беа променети во времето кога на чело на Град Скопје беше градоначалникот Коце Трајановски.

Со тие промени беа опфатени и улиците во Аеродром. Дотогаш 30 од улиците во Лисиче, за кои сега им се бара враќање на името се викаа Ѓорѓи Капчев со додавка на број, на пример Ѓорѓи Капчев 1, Ѓорѓи Капчев 2 и така натаму, а истото беше и со 50 –тина улици чие претходно име беше Тодор Чангов и се разликуваа само по број. Покрај овие улици се бара и враќање на старото име на улицата 1611, која по ново се вика Павел Шатев, потоа улицата Благој Попов повторно да биде улица 1612, како и враќање на името на улицата 1613, која во последните две години го носи името на народниот херој Гоце Стојчевски Амбарче.

Со една непромислена одлука во март 2021 година, на предлог на Шилегов, се направи хаос во системот на имиња на улици, каде што повеќе од 80 улици во Лисиче беа преименувани. Искрено се надевам дека Советот на Град Скопје сериозно ќе ја разгледа оваа наша иницијатива и во најскоро време ќе донесе одлука за враќање на имињата на улиците, во интерес на жителите на овие улици – посочи предлагачот Митевски.

Дел од граѓаните изразија поддршка за иницијативата и предложија со неа да се опфатат и други улици низ Аеродром, не само во Лисиче, додека пак некои граѓани сметаат дека е побитно да се средат други работи во општината отколку имињата на улиците.

Многу е побитно да се има соодветна широчина на улиците, да се закрпат дупките, светла нема соодветени и да се стават тротоари како и атмосферска инсталација. Ова враќање на имиња е банално и замајување на граѓаните – коментира жител на Аеродром.

За советникот Милутин Ристески од СДСМ ова е несериозна иницијатива.

Крајно несериозна иницијатива и длабоко непознавање на проблематиката и постапката за именување на улиците во Скопје. Особено во околности кога благодарение на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје година и пол имаме хаос кој кулуминираше со потенцијална еколошка катастрофа. Ни срам, ни перде, вели македонскиот народ, во чие име толку глупости направија! – напиша Ристески на Фејсбук.

Пред две недели и градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски поднесе иницијатива до Град Скопје со која побара да се вратат старите имиња на 38 улиците во оваа општина. Тој објасни дека до него во изминатиот период стигнале многу барања на граѓани по што се одлучил на ваков чекор, особено што, како што рече, поранешниот скопски градоначалник Петре Шилегов и Советот на Град Скопје донеле одлука за промена на имињата на улиците во Бутел без никаква консултација со граѓаните.

На ова остро реагираа од Демократската унија за интеграција, од каде излегоа со став дека ВМРО-ДПМНЕ со својата шовинистичка и авантуристичка политика свесно предизвикува меѓуетничка нетолеранција во Бутел.

Како ќе постапи Советот на Град Скопје во однос на поднесените иницијативи засега е неизвесно, Во градскиот Совет мнозинството советниците, односно 16 имаат ВМРО-ДПМНЕ, па може да се очекува овие две иницијативи да се најдат на дневен ред пред советниците и да бидат изгласани, особено доколку добијат поддршка и од некои од советниците од помалите партии.

Во услови кога тече постапката за замена на личните документи поради новото име на државата и кога граѓаните се соочија со многу проблеми затоа што од нив се бараше уверение од Град Скопје со кое ќе го докажат новото име на улицата, уште една промена на имињата би создала уште поголеми проблеми.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот