Операцијата подмолна, чинот го деградира војникот Ковачки

Фото: Колаж / „Слободен печат“

Се срамам дека лекар оддал здравствени податоци. Опозицијата има реален материјал секојдневно да ја критикува работата на Владата. Да се извадат вакви документи е подло и многу ниско, вели за „Слободен печат“ лекарката и поранешна пратеничка Ѓулистана Марковска

Крајно ниска манипулација со јавноста е трајна неспособност за служење во aрмијата да се поистоветува со трајна неспособност за управување со државата, е ставот на лекари-политичари и експерти, кои ги консултираше „Слободен печат“, откако неколку денови по ред ВМРО-ДПМНЕ излегува со документ дека премиерот Димитар Ковачевски е „трајно неспособен“ да биде мобилизиран за време на воениот конфликт во 2001, а сега е премиер.

Опозициската партија врз основа на документот бара Ковачевски да поднесе оставка од премиерската функција. Премиерот одговори дека не бегал од одговорноста за служење на воениот рок и дека се злоупотребува последователна хируршка интервенција на која бил подложен пред 20 години. Министерството за одбрана информира дека ќе поведе интерна истрага за тоа кој ги објавил документите на социјалните мрежи за премиерот, бидејќи станува збор „строго доверлив“ документ што протекол од архивите.

Марковска: Како некој да ви влегол во спалната соба

„Крајно безобразно е да навлегувате во медицинско досие и тоа е кривично дело. Во јавноста се презентира документ што е лекарска тајна. Згрозена сум дека лекар можел да не ја почитува лекарската тајна и да го дал документот. Кој и да го сторил тоа, треба да одговара. Трајна неспособност за служење воен рок пред 20 години може да биде од секаков карактер, но тоа не значи дека лицето не може да врши други дејности. Може некој да е далтонист, да има физички хендикеп и да биде трајно или времено неспособен за војска, но тоа нема врска со вршење други професии. Се срамам дека лекар оддал здравствени податоци. Крајно непрофесионално е од лицето што ги дало податоците. И да е точен документот, тоа по 20 години е небитно. Опозицијата има реален материјал секојдневно да ја критикува работата на Владата. Да се извадат вакви документи е подло и многу ниско. Тоа е како некој да ви влегол во спалната соба“, вели за „Слободен печат“ лекарката и поранешната пратеничка Ѓулистана Марковска.

Лекарот и функционер од СДСМ, Андреј Петров, е на иста линија со Марковска.

„Како држава треба да им веруваме на институциите. Ако процената е коректно направена, тогаш е во ред. Тоа било процена на воените лекари пред 20 години, но тоа нема никаква врска со водење држава. Врзувањето на двете работи е крајно несоодветно, вулгарно и навлегува во приватноста, бидејќи не смее здравствените податоци да бидат достапни на јавноста“, вели Петров.

И психијатрите што ги консултиравме се децидни дека неспособност за служење воен рок не е еквивалент за деловна неспособност и дека станува збор за манипулација. Тие додаваат дека само тешки психички растројства кои се видливи за околината се пречка за деловна способност. Според психијатри, и шизофренијата, ако се контролира со лекарства не е пречка за деловна способност. Има примери во светот на успешни градоначалници или други функционери што се параплегичари или со други физички попречености.

Министерството за одбрана ќе поведе интерна истрага

Пратеникот Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ и вчера побара Ковачевски да поднесе оставка од премиерската позиција.

„На чело на државата имаме премиер, кој е трајно неспособен. И тоа го потврдува, како што кажаа и од Министерството за одбрана, воената евиденција. Освен тоа што Ковачевски е дезертер, тој е и лажго. Прашањето е кога ја лажеше јавноста, кога вели дека е трајно неспособен поради медицинска евиденција пред 20 години или кога вели дека дезертирал зашто учел на факултет. Дека премиерот дезертер Ковачевски е неспособен, потврдија и од Министерството за одбрана, кои го потврдија документот објавен на социјалните мрежи, од кој јасно се чита дека премиерот е трајно неспособен. Трајната неспособност не може да се отстрани, последиците од неа може само да се влошуваат“, смета Ковачки.

Од СДСМ велат дека ВМРО-ДПМНЕ објавува лаги и манипулации за премиерот Ковачевски.

„Колку е очаен „шпицниот“ градоначалник Мицкоски, покажува примерот со Драган Ковачки. Еве зошто Мицкоски го одбрал Ковачки за пласирање на невистини и на манипулации. Единствен воен дезертер на политичката сцена е Драган Ковачки. Ковачки беше полковник во АРМ, но политички дезертираше и ја напушти Армијата за да му слугува на Мицкоски како пратеник. Против Драган Ковачки има и кривична пријава, за фалсификување исправа“, велат од СДСМ.

Министерството за одбрана (MO) објави дека ќе поведе интерна истрага за тоа кој ги објавил документите на социјалните мрежи според кои премиерот Димитар Ковачевски е прогласен за „трајно неспособен“ да биде мобилизиран за време на воениот конфликт во 2001.

„Документот, кој е објавен на социјалните медиуми и презентиран од политичка партија, по првичната проверка претставува документ што во документација на Министерството за одбрана и Армијата првично е заведен како документ со печат „воена тајна“, а подоцна, по носењето на Законот за класифицирани информации, добива класификација ‘строго доверливо’. МО отвора постапка за утврдување на одговорност за несовесно ракување и неовластено објавување на документи со класифицирана содржина“, соопшти вчера министерството.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот