Министерството за одбрана бара одговорен за документот што го покажа Ковачки, бил заведен како „воена тајна“

Ковачки документ за Ковачевски/Фото: ВМРО-ДПМНЕ

„Документот кој е објавен на социјалните медиуми и презентиран од политичка партија, по првичната проверка претставува документ кој во документација на Министерството за одбрана и Армијата првично е заведен како документ со печат „воена тајна“, а подоцна по носењето на Законот за класифицирани информации, добива класификација „строго доверливо““ – вака реагираа од Министерството за одбрана откако Драган Ковачки, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, објави документ за кој тврдеше дека го нашол веќе објавен на социјалните мрежи, а кој според него докажува дека премиерот Димитар Ковачевски го одбегнал служењето на воениот рок, правдајќи се со лекарско мислење дека е трајно неспособен за служба во војска.

Во соопштението се додава дека Министерството за одбрана, согласно своите надлежности, постапувајќи по законот и штитејќи ги интересите на државата и на граѓаните, отвора постапка за утврдување на одговорност за несовесно ракување и неовластено објавување на документи со класифицирана содржина.

-Министерството за одбрана ги повикува политичките партии и поединци, во своите настапи и обиди да придобијат политички поени, да стојат понастрана од припадниците на Министерството за одбрана и Армијата, да не ги поттикнуваат на извршување на кривични дела, со кои го нарушуваат сопствениот, но и угледот на Министерството и Армијата, велат од МО.

Ковачки денеска, покажувајќи го документот, повторно побара од премиерот да поднесе оставка.

-Доколку Ковачевски лажел за својата здравствена ситуација, тогаш ние на чело на државата имаме патолошки лажго. Ако лажел да избегне служење војска правејќи се трајно неспособен, тогаш не можеме ниту да претпоставиме за што се друго би лажел. Доколку пак Ковачевски навистина е трајно неспособен, не знаеме дали таа состојба кај него прогресирала и дали тој целосно функционален да ги извршува државничките задачи, рече Ковачки.

Премиерот Ковачевски ги отфрли ваквите обвинувања и порача дека „само нечесни и уплашени луѓе злоупотребуваат нечиј здравствен предизвик“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот