„Опен АИ“ тврди дека решил математички проблем стар 80 години: „Историски момент за вештачката интелигенција“
Компанијата „ОпенАИ“ објави дека нејзин интерен модел на вештачка интелигенција успеал да реши математички проблем стар речиси осум децении, познат како „проблем на единични растојанија во рамнина“, кој во 1946 година го формулирал унгарскиот математичар Пол Ердеш.
Препорачано
Според компанијата, моделот предложил нов теоретски пристап што ги надминува границите поставени во досегашните истражувања, при што решението било дополнително проверувано и усовршувано во соработка со математичари.
Особено внимание привлече тврдењето дека системот не бил специјално обучуван за овој конкретен проблем, ниту бил развиен исклучиво за математички задачи, туку самостојно дошол до решението преку сопствен процес на заклучување.
Од „ОпенАИ“ го опишаа резултатот како пресвртница и за математиката и за развојот на вештачката интелигенција, истакнувајќи дека ова е првпат еден значаен отворен математички проблем да биде решен автономно со помош на ВИ-систем.
Математичарот Томас Блум од Универзитетот во Манчестер изјави дека доказот генериран од моделот бил валиден, но дополнително бил доработен од истражувачки тимови. Во меѓувреме, математичарот Тим Гауерс од Универзитетот во Кембриџ го оцени резултатот како „историски момент“ за примената на вештачката интелигенција во математиката.
Сепак, научниците нагласуваат дека човечкиот фактор останува неопходен за толкување, проверка и понатамошна примена на ваквите докази.


