ФОТО | „Престанете да вработувате луѓе“ — рекламата со вештачка интелигенција што го згрози светот е всушност суров маркетинг-трик
Провокативната кампања на технолошкиот стартап „Артисан“ (Аrtisan) „Престанете да вработувате луѓе“ предизвика гнев на социјалните мрежи, но официјалниот став на компанијата открива дека нивната вистинска порака зад трите зборови на билбордот е многу посуптилна.
Препорачано
Билборди со експлицитна порака „STOP HIRING HUMANS“ (Престанете да вработувате луѓе) биле поставени во Њујорк, Сан Франциско и Лондон, придружени со компјутерски генериран лик на „совршен работник“. Оваа контроверзна реклама деновиве стана вирален хит на платформите Икс и Инстаграм, предизвикувајќи згрозеност, бес и страв кај јавноста.
View this post on Instagram
Еден од корисниците кој ја споделил фотографијата од возот коментирал: „Речиси ми се поврати кога ја видов рекламава“, што најдобро го отсликува расположението на граѓаните кои веќе стравуваат за своите работни места поради напредокот на технологијата и сé почестата употреба на вештачка интелигенција.
Зад оваа контроверзна герила-маркетинг кампања стои технолошкиот стартап „Артисан“ со седиште во Сан Франциско, кој се занимава со развој на вештачка интелигенција. Како што може да се забележи јавноста бурно реагираше на оваа стратегија. Но, по огромниот притисок, се огласи и извршниот директор на компанијата, појаснувајќи ја позадината на контроверзниот слоган.

Стартапот „Артисан“ продава софтверски решенија, односно дигитални „ВИ вработени“. Нивниот главен производ е виртуелниот асистент (софтвер) со име Ava (Ава), дизајниран целосно да ги автоматизира повторливите и напорни задачи во секторите за продажба и маркетинг (т.н. *cold outbound* процеси).
За да го лансираат својот производ, тие поставиле вакви билборди на клучни и фреквентни локации во Њујорк, Сан Франциско и Лондон. Менаџментот признал дека кампањата намерно била дизајнирана да предизвика гнев кај луѓето (т.н. „rage-bait“) за да се привлече вирално внимание. Иронијата да биде поголема, самиот стартап во моментов масовно вработува вистински, човечки кадри за да ја развиваат нивната технологија.
По низата жестоки критики дека промовираат дистописка иднина во која луѓето ќе останат без работа, компанијата ја објави својата официјална револуционерна одбрана преку текстот на нивниот блог линк: Why we put “stop hiring humans” on billboards and what it actually means – Artisan.
Во својата објава, авторот нагласува неколку клучни аргументи со кои се обидува да ја редефинира контроверзната порака. Рекламата се однесува на категоријата на работа, а не на луѓето. Слоганот не е насочен против човештвото, туку против „најлошиот и најдосадниот дел од продажбата“ – масовното испраќање шаблонски мејлови, досадното градење листи и механичката работа која предизвикува брзо прегорување (burnout) кај вработените. Според нив, ВИ треба да го прави она што го прави подобро, за луѓето да се фокусираат на покреативни задачи.
Од „Артисан“ објаснуваат дека нивниот софтвер „Ава“ не ги заменува луѓето целосно. Напротив, тие веруваат дека директниот разговор со клиентите, градењето вистинска меѓучовечка врска и гласовната комуникација се вештини кои се исклучиво човечки. Затоа, нивниот производ е дизајниран да работи заедно со луѓето во ист тим, каде софтверот ја презема само досадната администрација.
Текстот од блогот директно одговара и на стравот дека со елиминирање на почетничките позиции (BDR/SDR) ќе се уништи патот за младите луѓе кои сакаат да научат продажба. Од компанијата тврдат дека софтверот го апсорбира само „роботското пишување мејлови“, додека вистинскиот развој на продажбата останува кај луѓето.
Од компанијата отворено признаваат: „Лансирањето на привлечна јадица е начинот на кој функционира секоја кампања што некогаш натерала некој да обрне внимание“.
Слоганот од три збора имал задача да шокира, додека нивниот официјален блог е наменет за оние кои сакаат да загребат под површината и да ја разберат нијансата.
Сепак, дури и со ваквите објаснувања и анализи, прашањето за етиката останува отворено. Дали е етички да се користи реалниот страв од сиромаштија и губење на егзистенцијата кај работничката класа како „мамка“ за добивање кликови и привлекување инвеститори? Иако „Артисан“ тврди дека нивната визија е свет во кој „луѓето ќе работат помалку, а ќе живеат повеќе“, агресивниот маркетинг за многумина остави длабок дистописки и циничен вкус.


