Олимпијада на вештачки снег: 1,6 милиони кубни метри за Зимските олимписки игри 2026
Италијанскиот експерт за производство на вештачки снег, Давид Серато ќе има клучна улога на Зимските олимписки игри Милано–Кортина 2026, каде ќе биде задолжен за подготовка и усовршување на скијачките патеки за натпреварите во скијање и сноуборд. Серато, кој соработува со Меѓународната скијачка и сноуборд федерација и со Меѓународниот олимписки комитет уште од Олимпијадата во Сочи 2014, вели дека неговата задача е да им обезбеди на спортистите најдобри можни услови за најважните трки во нивните кариери, пишува „Еуроњуз“.
Препорачано
„Ова е најважната трка во нивниот живот. Наша обврска е да им обезбедиме најдобри можни услови – патеки на кои, по години напорни тренинзи, ќе можат да го дадат својот максимум“, вели Серато.
Денес, вештачкиот или таканаречен „технички“ снег стана стандарден дел од врвните зимски натпреварувања, до таа мера што спортистите речиси и не прават разлика меѓу природен и вештачки снег. Она што им е најважно е патеката да биде цврста, стабилна и издржлива, без брзо омекнување и создавање длабоки траги по повеќекратни тренинзи и трки. Бидејќи природните услови не секогаш го дозволуваат тоа, а климатските промени сè посилно ги погодуваат зимските спортови, производството на вештачки снег станува неопходност.
За потребите на Олимписките игри, организацискиот комитет досега има произведено речиси 1,6 милиони кубни метри технички снег. Во рамки на подготовките се изградени нови високопланински резервоари за вода, меѓу кои и огромен базен во Снежниот парк Ливињо со капацитет од околу 200 милиони литри, еден од најголемите на италијанската страна на Алпите. Таму се поставени повеќе од 50 снежни топови способни да произведат околу 800 милиони литри снег за приближно 300 часа. Во Бормио, пак, е изградено езеро на надморска височина од 2.300 метри со капацитет од 88 милиони литри вода, како и дополнителни 75 снежни топови за алпско скијање и ски-алпинизам, со што, според Серато, патеките се подигнати на сосема ново ниво.
Со користење на технички снег, организаторите можат прецизно да го контролираат квалитетот и цврстината на патеките и да ги прилагодат на строгите стандарди на меѓународните федерации. Вештачкиот снег е погуст и постабилен од природниот, побавно се деградира и овозможува создавање безбедна подлога преку вбризгување вода која се замрзнува длабоко во снежниот слој. Сепак, климатските промени ја наметнуваат оваа практика како нужност, бидејќи зголемувањето на температурите веќе сериозно ги погодува Алпите и другите планински региони.
Во последните години, Италија изгубила стотици скијачки центри поради затоплувањето, а истражувањата предупредуваат дека бројот на локации кои ќе можат сигурно да бидат домаќини на Зимски олимписки игри драстично ќе се намали во иднина. До средината на векот, без производство на вештачки снег, речиси и нема да постојат места што ќе можат да обезбедат стабилни услови за снежни спортови. Иако техничкиот снег моментално претставува решение, експертите предупредуваат дека тоа е само привремена заштита, бидејќи процесот бара огромни количини вода, енергија и финансиски средства, што на долг рок може да стане сериозен товар за локалните заедници.


