Олабавувањето на мерките во Данска не го забрза ширењето на коронавирусот
И натаму се затворени црквите, кината и трговските центри, а до септември нема да се одржи ниту еден фестивал или друго слично масовно собирање.
Во Данска ширењето на ковид-19 не се забрза откако кон средината на април земјата почна етапно да ги попушта рестриктивните мерки, објави денеска државниот институот Серум, одговорен за противепидемиските мерки.
Репродукцискиот број, кој покажува колку во просек луѓе се заразуваат од едно инфицирано лице, малку се зголеми во последниве две недели, но и натаму е под 1.
„Но нема знаци дека епидемијата од ковид-19 се забрзува“, истакна институтот.
И натаму се затворени црквите, кината и трговските центри
Училиштата и градинките во Данска повторно почнаа со работа од 15 април како и фризерите и стоматолозите.
Но собирите на луѓе се забранети до 10 јуни. И натаму се затворени црквите, кината и трговските центри, а до септември нема да се одржи ниту еден фестивал или друго слично масовно собирање. Данските граници исто така се затворени.
Данците меѓу првите, веќе од 13 март ги затворија границите, а истата недела ги затворија училиштата, кафулињата и продавниците, а забранија и собири и посети во болниците.
Во однос на другите европски земји Данска имаше сразмерно помалку заболени и починати од ковид-19 и меѓу првите се одлучи на постапно ублажување на мерките.