Околу 40 проценти од дијабетичарите во Македонија не можат да направат прегледи
Околу 40 проценти од пациентите со дијабетес не можат да направат регуларни навремени прегледи за својата состојба и компликациите, па затоа Сојузот на здруженија на дијабетичари до Министерството за здравство и ФЗОМ денеска побара итно да се зголеми бројот на термините за подобра достапност до специјалистички прегледи за лицата со дијабетес во Македонија.
Препорачано
Сојузот долго време укажува на потребата од подобрување на пристапот до редовни, навремени и континуирани специјалистички прегледи.
Редовните контроли претставуваат основен и неопходен дел од здравствената грижа за лицата со дијабетес, бидејќи преку нив се следи текот на болеста, се проценува здравствената состојба и се одредува соодветната терапија, неопходна за успешно секојдневно менаџирање на дијабетесот. Подеднакво значајно е и навременото реализирање на прегледите за рано откривање, следење и третман на компликациите од дијабетесот, со цел обезбедување поквалитетен, подостоинствен и поздрав живот за пациентите, велат оттаму.
Тие изразуваат сериозна загриженост поради ограничената достапност на специјалистички термини и упатуваат иницијатива за унапредување на постојните протоколи и процедури за закажување прегледи, како и за зголемување на достапноста на континуирана здравствена грижа за хронично болните пациенти.
Особено внимание заслужува фактот што околу 4.000 лица со дијабетес тип 1 своите контроли ги реализираат на Универзитетските клиники во Скопје — приближно 650 деца на Универзитетската клиника за детски болести и околу 3.550 пациенти на Клиниката за ендокринологија, дијабетес и метаболни нарушувања. Дополнително, во голем број општини во државата постои недостаток на доктори специјалисти – дијабетолози, поради што значителен број пациенти се принудени да патуваат во други градови и регионални центри за да добијат здравствена услуга. Ова претставува дополнителен финансиски, организациски и психолошки товар за лицата со дијабетес и нивните семејства, велат од Сојузот на здруженија на дијабетичари.
Националната програма за дијабетес 2018–2028 како стратешки цели ги утврдува поквалитетната и поефикасна превенција, рана детекција и подобрување на квалитетот на грижата и животот на пациентите со дијабетес мелитус преку подобра контрола на болеста и превенција на компликациите, редовно следење и контрола на резултатите од спроведените активности, како и подготовка на соодветни анализи и извештаи.
Овие цели се од исклучително значење за лицата со дијабетес, бидејќи директно ги адресираат приоритетите што здравствениот систем ги утврдил како обврска — превенција, рана детекција, редовно следење и контрола на резултатите, што е возможно за обезбедување на оптимизиран квалитет на живот, контрола на гликемии и редукација на хроничните компликации кај дијабетес преку контрола на сите кардиометаболни состојби, велат од Сојузот.
Навремените контроли и раната дијагностика овозможуваат превенција и намалување на компликациите, намален инвалидитет, помал број хоспитализации, подобар квалитет на живот и спасени човечки животи.
Здравствениот систем мора јасно да покаже дека превенцијата и навремената здравствена грижа претставуваат приоритет и основно право на пациентите, а не привилегија. Сојузот на здруженија на лица со дијабетес на Македонија останува подготвен активно да учествува во процесот на креирање одржливи решенија, со учество на работна средба со Вас по термин во кој Вие можете да ја организирате. СЗДМ е целсоно посветен партнерски дијалог со институциите, стручната јавност и сите релевантни чинители, со единствена цел — подобрување на квалитетот, достапноста и континуитетот на здравствената грижа за лицата со дијабетес, велат од Сојузот.


