Океаните потемнуваат — што се случува?
Во промена што веќе ги менува цели екосистеми, отворените мориња пропуштаат сè помалку светлина. Научниците сè уште не ги разбираат целосно последиците од овој феномен, но надеж сè уште постои, вели океанографот Тим Смит.
Препорачано
Во самрак, речиси нечујно и најчесто незабележано, во океаните се одвива најголемата миграција на биомаса на Земјата. Билиони ситни организми, зоопланктон, крил и фенерски риби, истовремено се издигнуваат од длабочините кон површината, привлечени од „цветањето“ на фитопланктонот. Во текот на ноќта се хранат, заштитени од предаторите што ловат со помош на видот, а со изгрејсонцето повторно се повлекуваат во длабочините.
Движењето на Сонцето и Месечината го одредува ритамот на животот на многу морски видови. Сепак, во последните децении научниците забележуваат дека големи делови од океанската површина мистериозно потемнуваат. Смит и неговиот тим први минатата година го забележале овој образец на отворено море. Оттогаш истражуваат како климатските промени и промените во користењето на земјиштето влијаат врз океаните и колку светлината е клучна за животот во нив.
Како е откриено дека океаните потемнуваат?
Ова откритие дошло донекаде неочекувано. Научниците анализирале две децении сателитски податоци за да ги следат промените во оптичките својства на океаните. Наместо случајни промени, забележале големи, поврзани области во кои водата станува понепрозирна и пропушта помалку светлина. Проценките покажуваат дека околу една петтина од светските океани на некој начин потемнеле.
Зошто се случува тоа?
Во крајбрежните зони причината најчесто е поврзана со реките што се влеваат во морето. Промените во користењето на земјиштето, како преминот од шуми кон земјоделство, влијаат на тоа што се измива во реките. За време на поплави, во водата доспеваат повеќе честички и органски материи што ѝ даваат потемна боја.
Дополнителен проблем се хранливите материи од ѓубрива, кои го поттикнуваат растот на фитопланктонот. Кога доаѓа до негово нагло размножување, светлината потешко продира во подлабоките слоеви. Иако веќе е познато дека крајбрежните води потемнуваат, новите истражувања покажуваат дека овој процес се шири и кон отворениот океан.
Што се случува на отворено море?
Промените најверојатно се поврзани со климатските промени. Порастот на температурата на океаните, почестите топлотни бранови и промените во соленоста влијаат врз циркулацијата на водата. Фитопланктонот зависи од светлина, хранливи материи и температура, а постабилните слоеви на вода што се создаваат во потопли услови му одговараат, што дополнително придонесува за потемнување.
Како тоа влијае на животот во океанот?
Потемнувањето го менува целиот синџир на исхрана. Фитопланктонот е основа на тој систем, а зоопланктонот, кој се храни со него, е клучна алка за рибите. Овие организми секојдневно мигрираат стотици метри нагоре и надолу, следејќи ја светлината.
Ако светлината не продира длабоко, просторот во кој организмите можат да живеат, да се хранат и да се размножуваат се намалува. Научниците тоа го споредуваат со собирање на огромна популација во мал простор. Тоа може да ја зголеми конкуренцијата, да ги промени односите меѓу предаторите и пленот и да има последици врз рибарството ширум светот.
Рибите што се потпираат на видот, како што е туната, би можеле да бидат принудени да остануваат поблиску до површината. Во исто време, фитопланктонот, кој произведува околу половина од кислородот на планетата, ја менува длабочината на која може да врши фотосинтеза.
Што се случува ноќе?
Дури и слабата месечина има големо значење за морските организми. Таа им помага да се ориентираат и одредува кога е безбедно да се излезе кон површината. Но, како што водата станува поматна, и оваа светлина потешко продира, што може да го промени ноќниот живот во океанот и начинот на кој видовите се среќаваат и комуницираат.
Какви се глобалните последици?
Потемнувањето на океаните влијае и врз јаглеродниот циклус. Зоопланктонот обично пренесува јаглерод во длабочините кога умира, но ако останува поблиску до површината, помалку јаглерод се „заклучува“ во океанот. Тоа значи дека повеќе јаглерод може повторно да се врати во атмосферата, што дополнително ги засилува климатските промени.
Може ли нешто да се направи?
Во крајбрежните подрачја, да. Подобро управување со земјоделството, намалување на загадувањето и контрола на истекувањето на материи во реките може да помогнат водата повторно да стане почиста. Постојат проекти што веќе работат на развој на поодржливи системи за производство на храна.
На отворено море ситуацијата е посложена. Дури и ако емисиите на штетни гасови веднаш престанат, на океаните би им биле потребни децении, па и векови, за да се опорават.
Има ли причина за оптимизам?
Има. Океаните покажуваат извонредна способност за опоравување кога им се дава шанса. Пример се шумите од морски алги кои, во заштитени подрачја, брзо се обновиле по екстремни топлотни бранови.
Затоа сè повеќе се работи на проширување на заштитените морски зони. Кога се добро управувани, тие им овозможуваат на екосистемите да се регенерираат и да станат поотпорни на климатските промени.
Океаните покриваат околу 70 отсто од површината на планетата, ја регулираат климата и апсорбираат огромни количини топлина и јаглерод. Нивната заштита не е само прашање на зачувување на природата, туку и на опстанокот на животот на Земјата.


