Ојлески: Задоволни од двете победи над Олимпијакос и со нашиот пласман во полуфиналето
Македонскиот ракометен клуб ГРК Охрид го совлада Олимпијакос од Грција и во реванш натпреварот 25:24 и се пласира во полуфиналето од ЕХФ Европскиот Куп, каде ќе се сретне со словенечкиот претставник Целје.
Препорачано
Играчите на тренерот Борис Ројевиќ во прекрасен спортски амбиент во исполнетата сала „Билјанини извори“ го донесоа најголемиот успех на охридскиот клупски спорт.
Носени од три илјадната публика и верните „Рибари“ ракометарите на ГК Охрид одиграа тежок и исцрпувачки натпревар во кој не му дозволија на противникот да го доведе во прашање исходот од двомечот.
– Честитки до сите, до целиот тим, стручниот штаб и играчите. Одигравме два квалитетни натпревари против Олимпијакос, кој се покажа дека е одличен противник, дека не е лесно да го совладаш. Можеби на вториот меч не беше убедлива победата, но секако дека сме задоволни од двете победи и со нашиот пласман во полуфиналето – рече ракометарот на ГРК Охрид, Гоце Ојлески.
Охриѓани првиот меч против Целје ќе го играат на гости во Словенија на 25 или 26 април, а возвратниот дуел е закажан за 2 или 3 мај во салата „Билјанини извори“.


