ГФК Охрид

Охрид приреди сензација во Купот на Македонија – го елиминираше Вардар

Големи изненадувања донесоа денешните четвртфинални натпревари во Купот на Македонија. ФК Охрид Лихнидос испиша историја и го елиминира актуелниот освојувач на трофејот ФК Вардар по изведување пенали, обезбедувајќи прво полуфинале во клупската историја.

„Црвено-црните“ имаа водство и контрола, но дозволија шок во самиот финиш. По мирно прво полувреме во кое охриѓани дисциплинирано се бранеа, Вардар поведе во 59. минута преку Бобан Николов. Се чинеше дека фаворитот рутински ќе ја заврши работата, но во 90. минута следеше студен туш, Матески ја искористи невнимателноста на одбраната, излезе сам пред голманот и донесе израмнување.

Бидејќи победник немаше по регуларниот дел, решаваа пеналите. Двете екипи не беа перфектни од белата точка, а клучниот момент дојде во четвртата серија кога Данев не реализираше. Охрид ја задржа предноста, а во последната серија Дарко Илиевски со сигурен удар стави точка на драмата и го испрати Вардар дома.

Покрај сензацијата во Охрид, нов удар претрпе и ФК Работнички. Тимот од Скопје, кој веќе мака мачи со резултатите во првенството, беше елиминиран од второлигашот ФК Шкендија Арачиново со 3-1. Натпреварот се одигра во Куманово, а Шкендија уште во првиот дел поведе преку Десниќ и до крајот сигурно ја завери големата победа.

Преостанатите четвртфинални пресметки допрва следуваат, ФК Детонит Плачковица ќе се соочи со ФК Силекс, додека завршниот дуел од оваа фаза е закажан за 18 март, кога ќе се сретнат ФК Струга Трим Лум и ФК Шкендија.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот