Одложено судењето против Латас и Лазаров
Судењето против новинарот Драган Павловиќ Латас и јутјуберот Стефан Лазаров, обвинети за „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“ се одложи за 10 мај. Одбраната на првообвинетиот, поради обврски со друг предмет од организиран криминал и корупција и барање за увид во списите денеска побара одложување на процесот.
Латас во гостување во емисијата на Лазаров пред околу еден месец раскажа дека тој и неколку другари на 15 годишна возраст злоставувале и силувале девојка. Додека Лазаров, свесен за влијанието што го има содржината што ја емтиува, особено кај младите, не го спречи соговорникот, туку го наведува со коментари и прашања да го раскаже спорниот настан.
На Латас, Кривичниот суд му одреди превентивна мерка заради присуство, односно привремено одземање на патната исправа односно забрана за нејзино издавање и забрана за преземање определени работни активности поврзани со кривичното дело, односно забрана за јавен настап со кој се промовира ширење расистички и ксенофобичен материјал, додека на Лазаров му одреди мерка претпазливост за забрана за преземање определени работни активности поврзани со кривичното дело односно забрана за јавен настап со кој се промовира ширење расистички и ксенофобичен материјал.
Дополнително, јутјуберот Лазаров утрово на социјалните мрежи им порача на своите следбеници да не читаат лажни информации од медиумите за судскиот процес. Што и да се случи на судењето, тој вели дека сам ќе извести за тоа на Инстаграм.
Според Кривичниот Законик, тој што преку компјутерски систем во јавноста шири расистички и ксенофобичен пишан материјал, слика или друга репрезентација на идеја или теорија која помага, промовира или поттикнува омраза, дискриминација или насилство, против кое било лице или група, врз основа на раса, боја на кожа, национално или етничко потекло, како и верско уверување, ќе се казни со затвор од една до пет години.
Процесот го води судијката Диана Груевска Илиевска, a застапник на обвинението е обвинителот Даниел Коцев.
Латас остана без пасош, а заедно со јутјуберот Лазаров добија забрана за јавен настап