ОДИСЕЈАТА СО УЧЕНИЧКИТЕ УНИФОРМИ ВО АЕРОДРОМ НИКАКО ДА ЗАВРШИ: Мајките почнаа сами да ги шијат

Поминува третиот месец од почетокот на учебната година, а учениците и родителите од Општина Аеродром се уште мака мачат да обезбедат училишни униформи кои се воведоа пред неколку години и кои се задолжителни, а треба да ги набави општината. Некои училишта добија дел од униформите, но голем проблем е што тие се со помали броеви, па не им се точни на учениците. Можност за замена не постои, бидејќи нема каде да се заменат, а родителите кои успеале да исконтактираат со фирмата која ги шие, добиваат информација дека се уште не може да се сменат униформите ниту да се докупат, бидејќи уште се шијат.

– Униформите се со погрешни броеви, ни кажаа адреса каде се наоѓа продавницата во која наводно се продавале и менувале униформи од новата фирма. Ама тие што биле тврдат дека таква продавница на таа адреса нема. На фиксниот телефон на фирмата никој не се јавува – вели мајка чие дете е 4 одделение.

Во такви услови родителите се снаоѓаат како што знаат и умеат, па некои и сами си прават униформи.

– Што да правам, ланската униформа му е мала, а оваа новата исто така. Купив бели блузи и им ги прешив амблебите од старата униформа и така се снаоѓаме сега за сега – раскажува мајка на 6-одделенец.

Некои од родителите реагираат и на квалитетот на униформите и на тоа дека според информациите што ги добиле цените се поскапи.

– Бидејќи квалитетот не вреди за парите, јас одлучив да земам некои парчиња облека со слични бои, но подобар квалитет и да ги додадам амблемите од лани – вели друг родител.

Од општина Аеродром објаснуваат дека оваа година на јавната набавка е избрана нова фирма што понудила најниска цена.

Во однос на можноста за замена од општината посочиваат дека на нивна територија ќе има два пункта од каде што родителите ќе можат да купат дополнителна униформа.

– Едната продавница веќе е отворена на булевар „Трета македонска бригада“, а другата се очекува да почне со работа на почетокот од следната недела во населбата Ново Лисиче, во непосредна близина на ОУ „Лазо Ангеловски“ – велат од општина Аеродром.

Униформите во Аеродром се воведоа пред неколку години и ги шиеја фирми на Орце Камчев. Откако против него се отворија истраги, фирмите се затворија, па до почетокот на учебната година не се знаеше кој ќе ги шие новите униформи. Општината распиша тендер на крајот на август, а за најповолен понудувач беше избрана фирмата „Фива ДДФ ДООЕЛ“ – Скопје

Испораката на униформите почна минатиот месец, но децата добија само две парчиња од униформата, наместо четири.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот