Одбрана тврди дека медиумите манипулирале – шугата однадвор ја „нападнала“ велешката касарна
Министерството соопшти дека се работело за поединечен случај и наведе дека војникот се заразил надвор од касарната, без да појасни како е тоа утврдено
Во врска со неодамнешниот случај со професионални војници на АРМ заболени од кожната заразна болест шуга, од Министерството за одбрана информираат дека болеста не потекнува од касарната „Алексо Демниевски Бауман“ во Велес, како што тоа, според МО, „се пласира во јавноста“.
Препорачано
Министерството апелира „да не се злоупотребува поединечен случај“, за кој се наведува дека „не е заразен во касарната“, за манипулирање на јавноста, со што се нанесувала директна штета на угледот на Армијата. Од МО не објаснуваат како утврдиле дека „поединечниот случај“ се заразил надвор од велешката касарна.
Зелено светло за набавка на воена опрема од САД – еве што ќе добие Армијата
МО пишува дека шугата може да се добие само преку контакт со претходно заразено лице или преку постелнина, пешкири и слично, кои претходно биле користени од заразено лице. Оттаму посочуваат дека пред приемот на професионалните војници во касарната „Алексо Демниевски Бауман“ во Велес, направено е комплетно уредување на просториите во кои се сместени војниците, односно извршена е комплетна дезинфекција на просториите и дадени се чисти и испрани постелнини и ќебиња.
Како што се посочува во соопштението, откако биле откриени случаите, од страна на Армијата и Воено – медицинскиот центар согласно здравствените протоколи се преземени мерки за спречување на натамошно евентуално ширење на оваа заразна болест.
-Од страна на одделението за превентивна заштита од Воено – медицинскиот центар извршен е стручен епидемиолошки надзор, давање на мислење и понатамошни насоки и препораки. На превентивен преглед се испратени сите војници кои што биле во контакт со заразените лица. За време на викендов во просториите каде што се сместени војниците е извршено комплетна замена на постелнината, направена е дезинфекција на сите спални соби, дезинфекција на ќебињата, перниците и душеците и е испрана постелнината. Сите војници се информирани за симптомите кои може да се појават како резултат на оваа болест, дадени се препораки доколку се забележат кожни промени, веднаш тоа да го пријават и да се консултираат со доктор, велат од Министерството за одбрана.
Оттаму посочуваат дека континуирано се следи состојбата со останатите војници и се преземаат мерки согласно насоките на доктор епидемиолог.
-По насока на ВМЦ професионалните војници се упатени на превентивен контролен преглед. Досега се регистрирани четири лица и на истите им е пропишана соодветна медицинска терапија, велат од МО.
Во оваа касарна, како и во останатите Центри за обука (АП Криволак, ЦО Пепелиште, Кампот за обука на вода) на годишно ниво поминуваат односно престојуваат голем број припадници како од Армијата така и од сојузничките Армии и досега не е регистриран ваков случај.
-Министерството апелира да не се злоупотребува поединечен случај, кој повторно ќе кажеме дека не е заразен во касарната, за манипулирање на јавноста, а со што се нанесува и директна штета и нарушување на угледот на Армијата. Министерството за одбрана и Армијата на чело со Генералштабот, во континуитет работат на подигнување на стандардите и условите за работа, а тоа подразбира комплетно реновирање и реконструкција на објектите во кои функционираат припадниците на Армијата. Само за илустрација, за 2026г и 2027г предвидени се 41.300,000 денари за реконструкција и санација на објектите, градежно-занаетски работи, се наведува во соопштението.


