Од насилна смрт лани починале 511 лица, најмногу од нив се мажи
Бројот на умрени лица од насилна смрт минатата година е зголемен за 24 проценти во однос на 2023-та. Од вкупно 511 умрени лица, над 68 проценти се мажи, а најчеста причина, во 78,5 проценти од случаите се несреќни случаи, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Препорачано
Во структурата на умрените од насилна смрт според полот, како и во претходните години, и во 2024 година поголемо учество имаат машките лица, и тоа 68.1%, а 31.9% жени.
Најголемо учество во вкупниот број на случаи на насилна смрт имаат несреќните случаи, кои учествуваат со 78.5%, самоубиствата со 17.4% и убиствата со 4.1%.
Во категоријата несреќни случаи, најголемо учество имаат умрените лица од други надворешни причини за случајна повреда со учество од 38.0% во вкупниот број на случаи од насилна смрт.
Во категоријата самоубиства, најголемо учество имаат случаите кај кои смртта настапила поради бесење, странгулација и суфокација со учество од 8.8% во вкупниот број случаи од насилна смрт.
Во категоријата убиства, случаите кај кои смртта настапила поради обид за нанесување телесна повреда со истрел од друго и од неозначено огнено оружје имаат најголемо учество со 1.6% во вкупниот број случаи од насилна смрт.
Умрените од насилна смрт во вкупниот морталитет учествуваат со 2.5 проценти.


