Од мај ќе поевтинат повеќе од 300 видови лекови, најавува Министерството за здравство
Министерството за здравство информира дека е спроведено годишното усогласување на максималните цени на лековите за 2026 година, согласно важечката методологија за формирање на цените.
Препорачано
Врз основа на анализите и преговорите, утврдени се намалувања на максималните цени кај лековите каде што постојат соодветни пазарни показатели. На веб-страницата на Министерство се објавени одлуките со новите намалени максимални цени, при што намалување е постигнато кај вкупно 343 видови лекарства: 156 оригинаторни лекови, 174 генерички лекови и 13 лекови од интервентен увоз.
„Новите цени ќе почнат да се применуваат од 1 мај годинава, по периодот во кој фармацевтските компании ќе ги усогласат цените во прометот на големо и мало. Особено го издвојуваме намалувањето на цената на лекот ксарелто (ривароксабан), кој се користи во третман на кардиоваскуларни заболувања. Кај овој лек е постигнато значително намалување на цената во прометот на големо:
за таблети од 15 мг и 20 мг: од 2.307,48 денари на 1.606,10 денари
за таблети од 10 мг: од 824,10 денари на 589,45 денари“, се вели во соопштението.
Министерството за здравство информира дека овој лек е приоритет за вклучување на позитивната листа за примарна здравствена заштита во текот на 2026 година. Предлогот е веќе доставен до Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување, со што се очекува дополнително олеснување на трошоците за пациентите преку утврден надомест од државата, а пациентот ќе имаат право на избор на лек од различен производител.


