Од гламурен супермодел до наркозависничка болна од СИДА, траорниот живот на убавицата Џиа Каранџи

Нејзината светска слава траела само две години. Во тие години таа го достигнала и врвот и дното. Била првата ѕвезда која добила СИДА.

Џиа Марија Каранџи, родена во Филаделфија на 29 јануари, 1960 година, била американска модна ѕвезда во доцните 70-ти и раните 80-ти години.  Била првиот супермодел во светот. Синди Крафорд, која се појави на неколку насловни страници во периодот кога Џиа сè уште била жива, била наречена „малата Џиа“ поради нејзината надворешна сличност со манекенката која го „преврте“ модниот свет.

Бурно детство

Имала бурно детство. Татко ѝ бил Италијанец, а мајка ѝ со ирско потекло, кои често не се согласувале, постојано се карале и тепале пред малата Џиа, а Џиа добивала премалку внимание. Сакала што побргу да го напушти домот. Со преселувањето во Њујорк започнала и модната приказна на Џиа. Молскавично брзо станала најбаран модел за фотографирање. На сцената настапувала како освежување, како нов правец по долгата доминација на русокосите девојки на насловните страници, на крајот на 70-те години, кога и  модните креатори како и уредниците биле веќе заситени од русокосите секс симболи.  Модната индустрија во Џиа видела ново лице кое носи еден сосема нов ветар. Набрзо станала миленица на најголемите, на Келвин Клајн, Армани, Ралф Лорен и Диор, и на дузина светски козметички марки. Во еден здив Џиа ги освоила насловните страници во САД и Европа.

View this post on Instagram

#giacarangi for Armani, Spring 1980.

A post shared by Gia Marie Carangi (@gia.carangi) on

Неснајдена во славата посегнала по дрога

На насловната на американскиот Вог се појавила во април 1979 година, истовремено се појавила и насловната на француското издание на Вог, а потоа следувало и италијанското издание. Неколку пати ја освоила насловната страница на Космополитен во периодот од 1979 до 1982 година.

Неснајдена во славата која ѝ се случувала, „луда“ по ликот и делото на Дејвид Боуви, опсипана од вниманието на њујоршките високи кругови со кои почнала да се дружи, убавицата ги дочекувала ноќите во познатиот клуб „Студио 54“ каде за прв пат дошла во допир прво со марихуаната, а потоа и со кокаинот, дрога широко распространета во тоа време меѓу американската елита.

Пад на кариеарата и тешки денови

Зависноста од дроги ќе ѝ донесе нагло паѓање во кариерата. Станало невозможно да се работи со неа, заспивала на снимања, а трагите од хероинот шминкерите тешко успевале да ѝ ги сокријат. На насловната страница на Вог, во 1980 година, трагите од хероинот биле видливи и за јавноста, и покрај фотошоп интервенцијата. Следувале уште потешки денови за Џиа Каранџи.

Смртта на пријателот сосема ја уништува

Нејзината светска слава траела само две години. Во тие години таа го достигнала и врвот и дното. Дното дошло со смртта на нејзиниот пријател, модниот фотограф Крис вон Вангенхејм, поради кој американската убавица со денови останувала заклучена во тоалетот плачејќи и вбризгувајќи си хероин. Тогаш првпат се соочила со смртта, но на време била спасена и одведена на рехабилитација.

По извесен период поминат на клиниката, Џиа Каранџи се вратила во Њујорк подготвена повторно да го совојува модниот свет. Но, наместо отворени врати се соочувала со остри критики и прекратени договори. Времето го поминувала главно во Европа каде добивала помали ангажмани во Германија и Русија. Во тоа време, Германија почнала да ја гради модната индустрија, а во Џиа гледала лик кој е веќе готов производ. Ангажирана од германските модни агенции, Џиа Каранџи патувала низ светот и снимала за сума од 10.000 германски марки неделно. Во договорите било нагласено дека не смее да конзумира дрога. Сепак, во 1983 година на едно снимање во Африка, таа била фатена со дрога во раката. И тоа било крајот на нејзината кариера и во Европа.

Живеела од сексуални услуги

На инсистирање на родителите повторно била префрлена на клиниката за рехабилитација каде останала шест месеци. Навидум излечена, се преселила во Филаделфија и почнала да зема часови по фотографија со цел да стане моден фотограф. Но, спокојниот живот траел само три месеци, кога повторно се вратила на дрогата. Сосема изгубена и пропадната почнала да наплаќа за сексуални услуги, а неколку пати е и силувана. Откако добила пневмонија, повторно била земана на нега кај родителите кои ја префрлиле на лекување во болницата. Мајка ѝ останувала деноноќно со неа со цел сосема да ја излечи и да ѝ оневозможи контакт со други лица. Сепак, здравствената состојба нагло и се влошила и тогаш дознала дека е Хив позитивна, болест која не била многу позната во тоа време. Џиа имала само 26 година. Во ноември истата година (1986) умрела. На нејзиниот погреб не дошол ниеден пријател и ниедно лице од светот на модната индустрија за која работела.

Нејзиниот траорен живот на големото филмско платно

Холивудската актерка Анџелина Џоли ја глуми улогата на Џиа во автобиографскиот филм за супермоделот. Филмот се вика „Џиа“, а се појави на големото платно во 1998-ма година. Токму оваа улога на некој начин ја подготви Анџелина за многу посериозни улоги, како онаа во легендарниот филм „Girl, Interrupted“ (2001). Филмот е тежок за гледање бидејќи влегува во сржта на Џиа и доловува како дрогата ја уништи нејзината кариера и живот. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот