Од 16 контролирани фирми за брзи кредити, во 10 имало неправилности!
Кај две финансиски друштва се изречени само мерки – наредби за отстранување на неправилностите, а кај 8-те друштва кај кои се констатирани неправилности, изречени се вкупно 13 глоби во вкупен износ од 16.000 евра
„100 отсто попуст во Кредисимо за Блек фрајдеј и ова година“, е реклама што може да се види во медиумите. Но, дали може да постои зајмување пари без ништо за тоа да не се плати? Според уверувањето на Кредисимо, тоа е навистина така, позајмица од 6.000 денари до 30.000 денари, со отплата на 3 еднакви месечни рати, може да се добие и без камата и без провизија. Тоа е нивна промотивна кампања за привлекување корисници.
Препорачано
Сепак, „Слободен печат“ се обрати во Министерството за финансии, кое врши надзор врз работењето на овие финансиски друштва. Ги прашавме што мислат за реклама во која се објавува дека има „100 отсто попуст“. Оттаму ни одговорија дека информациите што треба да ги содржи рекламата се уредени во Законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити. Но, исто така, ни укажаа дека годинава направиле 16 теренски контроли во финансиските друштва и дека дури во 10 од нив се констатирале неправилности.
– Во текот на 2022 година, извршени се 16 теренски надзори во седиштата на 16 финансиски друштва. Притоа, во шест друштва не се констатирани неправилности, а во 10 друштва се констатирани неправилности. Кај две финансиски друштва се изречени само мерки – Наредби за отстранување на неправилностите, а кај 8-те друштва кај кои се констатирани неправилности се изречени вкупно 13 глоби во вкупен износ од 16.000 евра и истовремено се изречени 20 мерки – наредби за отстранување на неправилностите. Глобите кај овие друштва се изречени по Законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити – велат од Министерството за финансии.
Оттаму објаснуваат дека надзорот над работењето на финансиските друштва го вршат во согласност со Законот за финансиските друштва во делот на работењето на финансиските друштва и во согласност со Законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити во делот на издавањето потрошувачки кредити.
– Законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити ја регулира структурата на договорите што ги склучуваат клиентите со финaнсиските друштва во кои се наведени и сите трошоци за одобрениот кредит. Исто така, со овој закон се уредуваат и информациите што треба да ги содржи рекламата, а надлежна институција е Државниот пазарен инспекторат – велат од Министерството за финансии.
Пазарниот инспекторат според Законот може да реагира ако рекламата ги нема стандардните информации што треба да бидат ставени на „јасен, прецизен и лесно видлив начин“. Рекламите треба да содржат информации за каматна стапка, фиксна или варијабилна или и двете, со детали за сите надоместоци вклучени во вкупните трошоци на потрошувачкиот кредит, вкупниот износ на кредитот, годишна стапка на вкупните трошоци, траење на договорот.
Според Законот, Министерството за економија по предлог на Државниот пазарен инспекторат, или Организацијата на потрошувачи може дури и да ја одземе лиценцата, или да изврши забрана на вршење дејност на кредиторот во рок од 30 дена ако не се наведени стандардните податоци во рекламата, или ако наведе неточни или неактуелни податоци.


