Од 1 јуни без маски на отворено, полицискиот час останува
Мерките кои ги предложи Комисијата за заразни болести – да се дозволат свадби со половичен капацитет на присутни и да се зголеми бројот на присутни на една маса во рестораните и кафулињата се преуранети и не треба да се имплементираат, затоа што опсегот на вакцинирани граѓани е мал, колективниот имунитет не е постигнат, а бројот на починати пациенти од коронавирусот е голем.
Ова за „Слободен печат“ го изјави поранешниот член на Комисијата за заразни болести и екс-директорот на Центарот за јавно здравје Скопје, проф. д-р Александар Стојанов.
– Преуранети се дел од мерките. Дозволувањето на свадбите не треба да се прави. Сметам дека тоа е направено поради притисок од угостителите. Свадбарите во текот на целата пандемија и онака работеа и ги прекршуваа протоколите, не се придржуваа до протоколите за бројот на гости на една маса, масите беа преблиску една до друга. Мерката да не се носат маски на отворено е оправдана, и досега немаше логика. Дефинитивно сум против опуштање на мерките зашто смртноста во нашата земја не е занемарлива работа, иако падна бројот на новозаболени. Уште немаме доволно вакцинирани за да имаме колективен имунитет, кој се создава со вакцинација барем на 60 проценти од населението. Ние сме далеку од таа бројка – изјави Стојанов.
На последниот состанок, Комисијата за заразни болестиму предложи на главниот координативен кризен штаб да се олабават рестриктивните мерки. Оттаму сметаат дека пандемијата стивнува и бројот на активни случаи се намалува од недела во недела. Поради ваквата епидемиолошка ситуација во земјава, Комисијата предложи од 1 јуни заштитните маски да не бидат задолжителни на отворен простор. Маските на сите затворени места, јавен превоз и секаде каде не може да се одржува препорачана дистанца остануваат задолжителни. Ако кризниот штаб ги прифати препораките на Комисијата, тогаш групирањето на отворено ќе може повторно да се случува, а при групирање на повеќе лица останува препораката да се носат маски.
,,Состојбата е стабилна но искуството ни покажа дека многу лесно може да се влоши ако не се почитуваат мерките онака како што се предвидени. Затоа апелирам до стопанските субјекти и граѓаните целосно да се придржуваат до препораките”, вели министерот за здравство Венко Филипче.
Комисијата предлага да се дозволи организација на свадби и прослави на отворено со максимална исполнетост на капацитетот од 50 проценти, но не повеќе од 100 гости. Максималниот број гости на една маса треба да биде шест. Спортските натпревари кои се играат на отворено, според препораката, треба да се играат со публика, но со максимална исполнетост од 30 проценти од капацитетот на трибините. За угостителските објекти, освен мерката за шестмина на една маса (досега беше четворица), сите други рестрикции остануваат на сила. Полицискиот час останува да важи – од полноќ до 4 часот наутро.
Во текот на оваа и следната недела, Комисијата за заразни болести, во соработка со организаторите на настани, ќе работи на прецизирање на протоколите за одржување на настани и концерти на отворено, а по 15 јуни според протоколите ќе биде дозволена организација на ваков тип настани.