Очекував да ме дискредитираат, вели Ана Петровска за обвинувањата од новиот директор на Државниот Инспекторат

Ана Петровска, кандидат за градоначалник на Град Скопје. / Фото: Слободен печат

Продолжува мојата политичка дискредитација оркестрирана од МајаМорачанин, изјави за „Слободен Печат“ поранешната директорка на Државниот Инспекторат за животна средина Ана Петровска, која денес ја обелодени својата кандидатура за градоначалник на Скопје, поддржана од граѓанската коалиција Зелен хуман град.

Петровска вели дека непродуктивните трошоци за кои зборуваше новоназначениот в.д. директор Сретен Стојковски на Државниот Инспекторат на денешната прес конференција, прва по неговото назначување, биле всушност исплаќање на договори за дело на лица вработени за административна поддршка, за кои инспекторатот добил финансиска согласност од Министерството за финансии, како и за хонорари на правник што вршел стручни правни услуги, бидејќи Инспекторатот, немаше вработено правник, проблем на кој Петровска неколку пати укажуваше додека беше на чело на ДИЖС.

„Додека беше вработен во Министерството за животна средина, Сретен Стојковски имаше партиска задача да пронајде пропусти во моето работење како државен секретар во тоа Министерство, но тој пронајде само едно пропратно писмо потпишано од мене по службена должност во состав на информација до Владата за иницирање постапка за доделување концесии за мали хидроелектрани, што го спинуваше како да сум јас лично одговорна за изградба на малите хидроцентрали во државава“, вели Ана Петровска. „Сега ме клевети дека сум имала учество во издавањето на А интегрираната дозвола за Дрисла иако самиот добро знае дека всушност Министерството за животна средина ги издава овие дозволи, додека Инспекторатот има обврска да ја инспектира депонијата, што и го правевме“.

Петровска вели дека таа очекувала вакви клевети и спинувања кои коинцидираа со пресот за објава за заедничкиот настап на Зелен хуман град и нејзината кондидатура за градоначалник на Градот Скопје.

-За жал наместо Маја Морачанин и Сретен Стојковски да се грижат за животната средина трошат време во изнаоѓање некакви лажни траги за сомневање во мојата работа за да го извалкаат она што го постигнав со мојата работа, вели таа.

Пред две недели Владата на разреши од функцијата в.д. директор на Државниот инспекторат за животна средина, која ја извршуваше како кадар на партијата ДОМ, на барање на претседателката Маја Морачанин, со образложение дека ова директорско место ѝ припаѓало на таа членка на владеачката коалиција. Петровска, заедно со една поголема група истомисленици од пред неколку месеци влезе во конфликт со Морачанин поради своето барање за демократизација на ДОМ и доследното почитување на зелените принципи.Таа за Слободен Печат вели дека нејзиното, како и членството на останатите кои се залагаа за промени во ДОМ во моментов е замрзнато и поголемиот дел од нив на локалните избори ќе настапат како независни кандидати.

Стојковски: ДИЖС учествувал во издавањето дозвола за одложување опасен отпад на „Дрисла“

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот