Обвинителот Бубевски за убиството на Денис Тот: Се трага по напаѓачот кој го задал првиот удар

Денис Тот/Фото: Фејсбук

Шефот на скопското обвинителство, Гаврил Бубевски, во изјава за хрватски РТЛ откри дека А.Ѓ., првоосомничениот за убиството на Денис Тот во Скопје, е напаѓачот кој му го задал првиот удар на 27-годишниот хрватски ракометар.

„Моите најнови информации велат дека сè уште се трага по човекот кој го започна сето тоа. Тој прв го удрил ракометарот кој не се ни бранел, а подоцна другите двајца го удирале со нозе во главата“, вели Бубевски.

Тот почина следниот ден во болница, откако беше крвнички претепан од три лица пред дискотека во скопскиот Градски парк.

Околу контрадикторните информации кои во два дена ги дадоа МВР и КАРИЛ во врска со случајот, Бубевски вели дека смета оти не станува збор за никаков обид да се прикрие или заташка убиството.

„Мислам дека воопшто немаше намера се да се прикрие. Само сплет на околности. Мислам дека тоа беше лоша лекарска процена и стојам на тоа“, тврди Бубевски.

РТЛ забележува дека целиот случај од почетокот е чуден. Од Клиниката прво тврдеа дека Тот починал од срцев удар, а и полицијата тврдеше дека немало знаци на физичко насилство. Но, обдукцијата откри повреди на главата, како и тоа дека починатиот ракометар имал пресечен јазик и оток на мозокот.

Според она што беше објавено во медиумите, на снимките од „Сејф Сити“ кои ги прибавила полицијата, се гледало како момче и девојка излегуваат од дискотеката „Привилиџ“ и влегуваат во такси возило, а по нив тргнал и Тот и им се обратил, но на снимките не може да се чуе што им кажал. Момчето и девојката излегуваат од таксито, по што момчето му удира две шлаканици и ракометарот веднаш паѓа на земја, а девојката неколкупати го удира со нога по главата. Младиот ракометар воопшто не се придвижил, ниту пак дал отпор. Откако виделе дека е во несвест, двајцата се обиделе да му помогнат и да го реанимираат, но не успеале, по што избегале од местото на настанот, а таксито си заминало уште кога настанала расправијата. Телото на младиот ракометар го видела една од вработените во дискотеката и веднаш повикала Брза помош.

„На 8 април околу 3,30 часот, пред ноќен клуб лоциран во Градскиот парк, дошло до вербална расправија помеѓу лицето Д.Т. (28) од Хрватска, со привремен престој во РСМ и лицата А.Ѓ. (28), К.Л. (19) и А.К. (22) сите од Скопје при што тројцата го нападнале и му нанеле удари по главата на Д.Т. од кои тој паднал со глава наназад на асфалтот и изгубил свест“, соопшти МВР откако се актуелизира случајот, откако претходно овој инцидент не беше забележан во дневниот полициски билтен.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот