Обвинение за повеќе кривични дела против Марјан-Доказ

Марјан Доказ - обвинителство/ Фото Слободен печат

Основното јавно обвинителство Скопје информира дека денеска е поднесен Обвинителен предлог против Марјан Стаменковски, сопственик на веб-порталот Доказ.мк, што го користел како средство за уценување, ширење расистички и ксенофобичен материјал, пиратерија на аудиовизуелно дело, злоупотреба на лични податоци.

Така, во периодот од 10.01.2023 година до 02.02.2023, обвинетиот, со намера за себе да прибави противправна имотна корист, му се заканувал на еден оштетен дека ќе открие нешто што може да му наштети на неговиот углед и чест. Преку социјална мрежа обвинетиот го контактирал оштетениот и го повикал на средба за да го уценува дека на веб порталот ќе објави приватни фотографии и информации за него доколку не му исплати парични средства. Откако оштетениот одбил средба, на интернет порталот биле објавени повеќе текстови за него, со кои обвинетиот наштетил на угледот и честа на оштетениот. На тој начин обвинетиот се обидел да стори кривично дело – Уцена, се наведува во соопштението.

Од ОЈО Скопје информираат дека од почетокот на февруари 2022 година, без одобрение на овластениот дистрибутер на кој филмскиот продуцент му го пренел своето право на аудиовизуелно дело, обвинетиот на веб порталот ставил на располагање на јавноста заштитено аудиовизуелно дело, овозможувајќи негово неограничено јавно прикажување. Со тоа предизвикал штета за оштетеното правно лице – телевизија, кое согласно Договор за лиценцирање на телевизиска програма имало ексклузивни авторски права да ја емитува содржината. Притоа обвинетиот сторил кривично дело – Пиратерија на аудиовизуелно дело.

Преку веб порталот во сопственост на обвинетиот биле објавувани серија текстови со кои во повеќе наврати се шири омраза и нетрпеливост кон двајца пријавители – свештеници на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија. Во објавените текстови, обвинетиот изнел директни тврдења дека споменатите свештеници биле поврзани со домашни и странски тајни служби, со цел да се предизвика револт и омраза кон нив, но и раздор во верската заедница. Во текстовите се упатуваат и заканувачки зборови со кои се поттикнува народот да дојде да ги избрка свештениците од манастирот во кој служат. Текстовите обвинетиот ги споделувал и на својот профил на социјална мрежа каде поттикнал жестоки полемики, навредувачки коментари и говор на омраза поради верски убедувања, со што сторил кривично дело – Ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, велат од Обвинителството.

Основното јавно обвинителство Скопје постапуваше и обезбеди докази и по поднесена кривична пријава од две новинарки, кои пријавиле дека на веб порталот од почетокот на 2022 година се објавуваат навредливи текстови со нивни фотографии, а чија крајна цел е тие да се заплашат и да се спречат да објавуваат текстови во неделникот во кој работат. Во текот на постапката, жртвите дадоа свои искази пред надлежниот јавен обвинител во кои ги поткрепија своите сомненија дека позадината на објавите на веб порталот е да им се изврши притисок и цензура. Во текстовите обвинетиот директно промовирал омраза и врз основа етничка припадност. Со тоа обвинетиот се товари дека сторил уште едно кривично дело – Ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем.

ОЈО Скопје оформи предмет по поднесени кривични пријави против обвинетиот од повеќе жртви во текот на минатата и почетокот на оваа година, во врска со објавени содржини на веб-порталот во негова сопственост.

Во наведениот период додека во обвинителството се водеше постапката против обвинетиот, тој искористил лично познанство со лице ангажирано како истражител во Основното јавно обвинителство Скопје, па преку вибер комуникација се обидел од неа неовластено да дознае информации за преземени истражни дејствија во повеќе кривично-правни предмети, вклучувајќи го и предметот против него. Обидувајќи се да влијае врз постапката против него, од приватната комуникација со истражителката, без согласност искористил и објавил лични податоци и фотографии на четворица истражители во ОЈО Скопје, па затоа обвинетиот се товари и за кривично дело – Злоупотреба на лични податоци, информира ОЈО Скопје.

Мерката притвор за обвинетиот ќе биде продолжена поради основи за кои и претходно беше определен притворот.

Особено имајќи го предвид начинот на извршување на делата и потребата да се заштитат жртвите, кои во подолг временски период биле подложени на изразен говор на омраза и закани преку интернет порталот, надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави и предлог за продолжување на притворската мерка, се додава во соопштението.

Со наредба од надлежен суд, при претерс во домот на обвинетиот пронајдени се документација, електронски уреди и поголема сума парични средства за кои постои сомнение дека потекнуваат од други кривични дела. За ова е оформен уште еден предмет во Основното јавно обвинителство Скопје по кој интензивно се постапува, а вештачењата на пронајдените предмети и документи се во тек. Во рамките на тој предмет се вршат проверки и по кривични пријави поднесени од други лица, кои во меѓувреме пријавуваат во обвинителството дека биле жртви на истиот веб портал.​

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот