Новото истражување: Консумирањето на овој витамин може да го намали ризикот од камења во бубрезите за 22 отсто
Камењата во бубрезите се познати по тоа што предизвикуваат екстремна болка, а нивната појава може да биде исклучително непријатно искуство. Иако не постои загарантиран начин за целосно да ги избегнеме, одредени промени во исхраната и начинот на живот можат да помогнат во намалувањето на ризикот.
Препорачано
Новото истражување покажа дека зголемениот внес на ниацин (витамин Б3) може да ја намали веројатноста за настанување на камења во бубрезите.
Оваа студија ја истражила поврзаноста помеѓу исхраната богата со ниацин и зачестеноста на камења во бубрезите, што ја отвора можноста за уште една превентивна стратегија против оваа болна состојба.
Истражувачите ги анализирале податоците од „National Health“ и „Nutrition Examination Survey“ (NHANES), собрани помеѓу 2007 и 2018 година. Студијата опфатила 28.508 испитаници со просечна возраст од 47 години, а податоците за исхраната биле собрани преку 24-часовна евиденција на внесот на храна. Учесниците, исто така, одговорале на прашањата за нивната историја на камења во бубрезите.
Биле користени напредни статистички методи за да се истражи можната поврзаност помеѓу внесот на ниацин и зачестеноста на камењата во бубрезите, пишува „Итинг вел“ (EatingWell).
Испитаниците кои консумирале најголеми количества на ниацин имале 22 отсто помал ризик од развој на бубрежни камења.
Анализата на податоците покажала дека луѓето со камења во бубрезите се почесто мажи, постари лица, белци, луѓе со повисоки приходи, пушачи и лица со висок крвен притисок или дијабетес. Исто така, забележано е дека луѓето кои консумираат помалку ниацин имаат поголем ризик од развој на камења во бубрезите.
Испитаниците кои консумирале најголеми количества ниацин имале 22 отсто помал ризик од развој на камења, а овој ефект бил особено изразен кај луѓето помлади од 60 години. Истражувачите претпоставуваат дека антиоксидантните и противвоспалителнтие својства на ниацинот можат да играат важна улога во намалувањето на создавањето на кристали на калциум, кои се честа причина за камења во бубрезите.
Иако наодите изгледаат ветувачки, научниците истакнуваат дека не може со сигурност да се тврди дека всушност, ниацинот е директна причина за намалениот ризик. На резултатите може да влијаат и други фактори како што се хидратацијата, генетиката и здравствената состојба на испитаниците. Но, зголемениот внес на ниацинот преку исхраната може да биде еден од начините за намалување на ризикот. Намирниците богати со ниацин вклучуваат пилешки гради, туна, мисирка, кикиритки, печурки, кафеав ориз и лосос.
Пред да се одлучите за додатоци во исхраната, се препорачува да се консултирате со лекар.


