Настинка пар - Фото: Profimedia

Ново истражување открива зошто некои луѓе полесно поднесуваат настинки од други

Ново истражување на научници од Медицинското училиште на Универзитетот Јејл (Yale School of Medicine) покажува дека не самиот вирус на настинка (риновирус) ја одредува сериозноста на симптомите, туку начинот на кој нашето тело реагира на инфекцијата.

Истражувањето е објавено во престижното списание „Сел Прес Блу“ (Cell Press Blue) и до сега претставува едно од најдеталните проучувања на тоа како нашиот имунолошки систем на самиот почеток одлучува дали обичната настинка ќе остане безазлена или ќе прерасне во сериозен здравствен проблем.

Клучот лежи во раниот имунолошки одговор на телото, односно во тоа како слузокожата на носот реагира на вирусот.

Главната истражувачка, д-р Еллен Фоксман (Ellen Foxman), долго време ја проучувала имунолошката реакција на респираторни вируси. Лично искуство ја мотивирало да се посвети на оваа област – нејзиниот мал син има астма, а најчест предизвикувач на напади е токму риновирусот. Досега се сметало дека алергиите го предизвикуваат нападот на астма, но напредните методи за детекција покажале дека риновирусот е главниот виновник.

Научниците во лабораторија создале модели на човечка носна слузокожа кои го имитираат вистинското ткиво, и ги инфицирале со риновирус. Со помош на современи методи како секвенцирање на RNA поединечни клетки, откриле дека ако носните клетки брзо произведуваат интерферон – протеин што го запира ширењето на вирусот – инфекцијата останува локализирана и предизвикува благи симптоми. Во такви случаи, помалку од два проценти од клетките се заразени, па болеста речиси не се чувствува.

Меѓутоа, кај лица со послаб интерферон одговор, вирусот се шири многу повеќе, активирајќи посилни воспалителни процеси што водат до зголемено создавање на слуз, оштетување на дишните патишта и потешки симптоми, особено кај луѓе со астма или хронична опструктивна болест на белите дробови (ХОББ).

„Не самиот вирус ја одредува тежината на болеста – нешто во самото тело го диктира исходот на инфекцијата“, вели Фоксман.

Научниците сега сакаат да откријат зошто кај некои луѓе природно постои посилен интерферон одговор, додека кај други не – што би можело да отвори врати за нови терапии кои би спречиле драматични клинички слики на настинки.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот