Новиот испитен центар се уште не функционира, возачите чекаат да полагаат

камиони
Камиони/ Фото: МИА

Бројката на професионални возачи кои чекаат да полагаат е околу 1.500, но поради здравствените протоколи, ќе бидат потребни скоро месец и половина за да заврши процедурата. Изминативе месеци укажувавме на овој огрмен проблем, но немаше слух од надлежните – вели за „Слободен печат“, Биљана Муратовска од Макам транс.

Од  март годинава, ниту еден професионален возач не полагал испит за да се стекне со уверение, кое ќе му послужи за да добие Сертификат за професионална компетентност,  услов за добивање извод од лиценца. Тоа практично значи дека повеќе од 8 месеци, превозничките фирми се снаоѓале како знаеле и умееле за да ги извршат турите кои ги капарисале. „Слободен печат“ неофицијално дознава дека по суспензијата на цариниците кои биле должни да вршат проверки на документацијата на автобусите на „Беса транс“, сега на граничните премини, нема „прогледување низ прсти“, што значи дека е потребна комплетна документација за да се излезе од земјава. Дури сега, велат упатените во транспортниот бизнис ќе се соочиме со застој, бидејќи ќе нема кој да ги вози камионите.

-Во моментот бројката на професионални возачи кои чекаат да полагаат е околу 1.500, но поради здравствените протоколи, ќе бидат потребни скоро месец и половина за сите тие да полагаат. Иако, собраниската Комисија за транспорт и врски го прифати нашето барање за рачно полагање, поради изборите, не беа усвоени законските измени. Треба да се полага и за добивање на АДР сертификат, неопходен за возачите на цистерни за превоз на нафта. Дел од возачите не се во земјава и ќе треба да се вратат за да полагаат, што ќе ја пролонгира постапката. Изминативе месеци укажувавме на овој огромен проблем, но немаше слух од надлежните – вели за „Слободен печат“, Биљана Муратовска од Макам транс.

По страотната сообраќајна несреќа на  македонскиот автобус, од ЕК посочија дека доколку тој немал извод од лиценца за превезување патници, не би смеел да ги минува европските граници, во случајов Бугарија. Законодавството на ЕУ предвидува низа правила за лиценци и дозволи за превоз и од оваа институција, според информациите што ги добила МИА, не е исклучено тие да биле прекршени, но Европската Комисија не се меша во истрагата.

-Доколку се утврди во истрага дека превозникот патувал со нелегална или фалсификувана лиценца, може да се очекува Европската Комисија да осуди ваква пракса која не само што е закана за „слободната конкурентност во ЕУ“, туку претставува загрозување на животите на патниците. ЕУ, Турција и Северна Македонија се исто така потписници на мултилатералниот „Интербус Договор”, но согласно текстот на овој договор не предвидува да дозволи никаква трговија со лиценци – објаснуваат експерти од Европската Комисија за МИА.

Министерот за транспорт Благој Бочварски, пред неколку дена информираше дека наскоро ќе бидат повикувани сите транспортни компании со нивните вработени возачи за да можат да полагаат. Веќе се знае дека Владата спровела јавна набавка – одржување на софтвер за полагање на испити во државни институции, избрана е фирмата Инфинити Енерџи Солушн енд Сервис, а договорот е склучен на 17 ноември. Во својот одговор за ТВ24, генералниот секретар на Владата, Мухамед Зекири не објаснил поради кои причини  новиот Државен испитен центар се уште не е функционален?

Професионалните возачи на товарни моторни возила со овие сертификати ја докажуваат својата професионална компетентност, а тие се обновуваат на секои пет години. Документот им е потребен за да може да возат низ цела Европа. Проблемот се појави откако беше затворен испитниот центар на „Инвока Гроуп“ на поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот