Нови пукотници на границата помеѓу Пакистан и Авганистан
Пакистан и Авганистан вечерва се судрија долж границата, а засега нема информации за евентуално повредени, соопштија официјални претставници на двете земји, во услови на зголемени тензии по неуспешните мировни преговори оваа недела, објави „DailyTimes“.
Препорачано
Портпаролот на авганистанските талибани Забихулах Муџахид изјави дека пакистанските сили започнале напади во округот Спин Болдак во провинцијата Кандахар, пренесе Ројтерс.
Портпаролот на пакистанскиот премиер Мошараф Заиди, пак, ги обвини авганистанските сили за пукањето долж заедничката граница.
„Пакистан останува во целосна подготвеност и е посветен на обезбедување на својот територијален интегритет и безбедноста на граѓаните“, изјави Заиди.
Новата рунда мировни преговори меѓу Пакистан и Авганистан заврши без напредок, иако двете страни се согласија да продолжат со спроведувањето на кревкото примирје.
Разговорите во Саудиска Арабија минатиот викенд беа последни во серијата средби што ги организираа Катар, Турција и Саудиска Арабија, со цел смирување на тензии по граничните судири во октомври, кога имаше жртви. Пакистанските власти соопштија дека авганистански милитанти извршиле неодамнешни напади во Пакистан, вклучувајќи и самоубиствени бомбашки напади во кои учествувале авганистански државјани.
Кабул ги негира овие обвинувања, наведувајќи дека не може да биде одговорен за безбедноста внатре во Пакистан.
Десетици луѓе беа убиени во октомвриските судири на пакистанско-авганистанската граница, најтешки од кога талибанците ја презедоа власта во Авганистан во 2021 година.


