Нови израелски напади врз Газа, најмалку 17 лица загинаа
Најмалку 17 лица загинаа во израелските напади врз Појасот Газа во средата наутро, оставајќи зад себе „јаглени тела“ и „луѓе исчезнати под урнатините“, соопшти палестинската агенција за цивилна одбрана.
Препорачано
Најсмртоносниот напад се случи во училиште во кое се сместени раселените луѓе во градот Газа, во северниот дел на палестинската енклава. Во него загинаа 11 лица, а 17 беа повредени, „вклучувајќи жени и деца“, изјави за АФП портпаролот на палестинската цивилна одбрана Махмуд Башал.
-Бомбардирањето предизвика голем пожар во зградата и беа пронајдени многу јагленисани тела – истакна тој.
Четири лица, исто така, загинаа, а „многу други се водат за исчезнати под урнатините“ откако израелски ракети погодија домови во источниот дел на Појасот Газа, според Агенцијата за цивилна заштита.
Во вторникот израелската армија објави дека уништила приближно „40 инженерски машини користени за терористички цели, вклучувајќи го и масакрот на 7 октомври“.
Израел појасни дека палестинското исламистичко движење Хамас ги користи овие машини „за да поставува експлозиви, да копа подземни тунели, да ги крши безбедносните огради и да ги расчистува урнатини за да најде оружје и воена опрема“.
Прекршувајќи го речиси двомесечниот прекин на огнот, Израел ги продолжи воздушните напади, а потоа и копнените напади врз Хамас во Појасот Газа на 18 март.
Според Министерството за здравство на Хамас, најмалку 1.890 Палестинци се убиени од 18 март, со што вкупниот број на загинати во Газа од почетокот на војната во октомври 2023 година се искачи на 51266.
Војната беше предизвикана од невидениот напад на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, во кој загинаа 1.218 луѓе на израелска страна, од кои мнозинството беа цивили.
Од 251 заложник киднапирани тој ден од милитантите на Хамас, 58 се уште се држат во Газа, а 34 се мртви, според израелската војска.


