Нова учебна година со стари проблеми

Училиште, училниц
Празна училница /Фото: Слободен печат - Драган Митрески

Први септември учениците ќе го дочекаат со проблемите од минатата година, без навремено доставени учебници за трето и шесто одделение, за кои Министерството за образование и наука очекува дека ќе бидат доставени набргу по почетокот на оваа учебна година. Минатата година немаше учебници по некои предмети, а наставниците импровизираа со привремени материјали, за кои државата се задолжи во Светска банка 640 илјади евра. Учебниците беа стари, а во новите имаше многу грешки, учебникот по Македонски јазик учениците го добија две недели пред крајот на школската година, а учебникот по Историја за петто одделение беше повлечен од употреба поради грешки во содржината.

Министерството за образование и наука појаснува дека учебниците доцнат, бидејќи постапката за изработка и одобрување учебници, која е уредена со Законот за учебници во основното и средното образование, е сложен процес кој може да потрае и неколку месеци, па затоа доцнеле учебниците минатата година.

– Затоа се случува тој процес, за одреден предмет, да не се заокружи пред почетокот на нова учебна година. Тоа е така поради разни причини, се случува за предметот да нема интерес за доставување ракописи од автори и потоа целиот процес мора да се повтори. Се случува и да се достават ракописи за кои рецензентските комисии ќе побараат извесни корекции по кои авторите мора да постапат, што исто така го пролонгира завршувањето на постапката. Проблем настанува и во немањето рецензенти кои ја имаат клучната улога во давање мислење за ракописите. Потоа следува разгледување и одобрување од Националната комисија за учебници, па техничко уредување, печатење и испорака, велат од МОН.

Учениците од петто одделение повторно без учебник по Историја

Минатата учебна година беше повлечен учебникот по Историја и општество за петто одделение. Причината беше потребата од технички исправки и корекции на одредени содржини со неточни податоци, како што се географските карактеристики на Македонија, грешка во историската периодизација, лажни и нејасни факти …

Историчарите побараа веднаш да се повлече учебникот, додека авторките Анита Ангеловска и Гликерија Илиоска со заедничко писмо тогаш информираа дека веднаш штом ги забележале грешките по печатењето апелирале да се направат исправки, барем во електронската верзија на учебникот.

– По овој предмет ќе има помошен материјал по кој ќе се изучува материјата додека не се изработи и достави учебникот – велат од Министерството.

МОН работи на дигитализација на учебниците

Во фаза на изработка е посебен портал преку кој учениците ќе можат да ги симнуваат и користат дигиталните учебници.

Дигитална верзија ќе добијат сите учебници од четврто и погорните одделенија во основното образование и процесот на дигитализација ќе се одвива етапно. Годинава МОН работи на дигитализација на учебниците за четврто, петто и шесто одделение.

Во седмо, осмо и деветто одделение ќе се користат веќе одобрените учебници од изминатите години, а тиражот ќе биде надополнет со новоиспечатени комплети во број колку што самите училишта пријавиле во текот на мај.

Постапките се спроведуваат согласно законите и роковите?

Министерството вели дека навремено ги спроведува сите постапки за изработка и одобрување на учениците и тие секогаш се согласно законите и роковите. Тие додаваат дека прават максимални напори за учениците да го имаат основното средство за совладување на наставната материја по секој еден предмет и новата учебна година ќе биде значително поподготвена во однос на минатите.

Подготвителните активности за успешен старт на новата учебна година се интензивираат и учениците, родителите и наставниците треба да бидат спокојни и ослободени од грижите кои ги имаа во изминатите години од аспект на обезбедени учебници, наставни и нагледни средства, услови за настава и слично, уверува МОН.

Новата учебна година ќе започне на 1 септември, а ќе заврши на 17 јуни откако на владина седница, на предлог на МОН беше изгласана одлуката да има и пролетен распуст.

Пролетниот распуст ќе биде во период од 29 до 5 мај. Првото полугодие ќе заврши на 29 декември декември, а второто ќе почне на 22 јануари.

Со ова, ќе им се овозможи на учениците да имаат пролетен распуст по примерот на европските држави – изјави тогаш Шаќири и додаде дека пролетниот распуст е за сите, односно и за наставниците и останатите вработени, кои нема да одат на работа во тие седум дена.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот