Нова студија: Консумирањето на шеќер може да го зголеми ризикот од камења во бубрезите
Не е тајна дека консумирањето на шеќер не е најдобро за вашето здравје. Се разбира, природните шеќери во овошјето и здравите јаглехидрати можат да бидат дел од урамнотежена, здрава исхрана, но додадениот шеќер од многу намирници, може да доведе до цела низа здравствени проблеми, вклучувајќи ги и оние со бубрежната функција, пишува „Дрејкс“.
Препорачано
Здравствените проблеми кои може да ги предизвика шеќерот од преработена храна вклучуваат срцеви заболувања, замастен црн дроб, дијабетес, рак.
Новата студија покажува дека на листата здравствени проблеми, може да се додаде и зголемениот ризик од појава на камења во бубрезите.

Научниците од Кина и Шведска, се обидоа да утврдат дали дополнителното внесување шеќер влијае на формирањето на камења во бубрезите. Тие ги анализираа збирките на податоци од „Националното истражување за здравствени и нутриционистички испитувања“ во Америка, од 2007 до 2018 година.
Поточно, ги анализираа луѓето на возраст од најмалку 20 години, кои пријавиле историја на камења во бубрезите, додека споделувале податоци за внесот на шеќер во исхраната.
Вкупно 28.303 возрасни лица биле дел од анализата со просечна возраст од 48 години со релативно еднаква застапеност на мажите и жените.

Истражувачите откриле дека поголем процент на калории, консумирани од додаден шеќер е во корелација со поголем ризик на појава на камења во бубрезите.
„Поголем процент на внесена енергија од додадени шеќери, беше значително поврзан со поголем ризик на појава на камења во бубрезите. Ова е наша прва студија која известува за поврзаност помеѓу потрошувачката на додаден шеќер и камења во бубрезите“, изјави водечкиот автор д-р Шан Јин.
Со ова научниците потврдуваат дека, ограничувањето на внесот на додаден шеќер, може да помогне во спречување на појавата на камења во бубрезите.
Сепак, тие велат дека има уште многу да се истражува и објаснува за оваа врска помеѓу шеќерот и формирањето на камења во бубрезите.
„Потребни се дополнителни студии за детално да се истражи поврзаноста помеѓу шеќерот и разни болести или патолошки состојби. На пример, кои видови на камења во бубрезите се најмногу поврзани со дополнителен внес на шеќер? Колку треба да ја намалиме консумацијата на додаден шеќер, за да го намалиме ризикот од камења во бубрезите? Сепак, нашите наоди веќе нудат вредни сознанија за носителите на одлуки“, додава д-р Шан.
Како да се ограничи потрошувачката на шеќер
За да го намалите внесот на шеќер, ограничете ја или избегнувајте ја храната како газирани сокови, енергетски пијалоци, млечни десерти како што се сладолед, бонбони, засладени чаеви и овошни пијалоци, грицки, колачи, пити, рафинирани јаглехидрати, сушено овошје и овошни закуски, сосови, додатоци, маринади, палачинки, засладени јогурти.

Дополнително, кога засладувате храна, одлучете се за замена за белиот шеќер и користете природни засладувачи како што се мед, стевиа, урми, јаворов сируп.
Се разбира, не заборавајте да консумирате дури и природни засладувачи во умерени количини, бидејќи тие сепак содржат шеќер и калории.


