Нов роман: Излезе „Чудо зад аголот“ на Владо Јаневски

Деновиве од печат излезе романот „Чудо зад аголот“ на Владо Јаневски, во издание на „Магор“ / „Пагома прес“, Скопје. Владо Јаневски живее и работи во Сиднеј, ова е негов трет роман, објавил и збирка раскази, а бил застапен и во неколку поетски антологии во Австралија.

„Чудо зад аголот“ е несекојдневен роман за свет во кој нема поделба на луѓе и животни. Има само суштества што се борат за својот опстанок и сите се на свој начин и убави и умни. Романот е приказна за едно такво суштество ненадејно оттргнато од топлината на домот, кое добар дел од својот живот го поминало одејќи на четири нозе, сè додека во даден момент не доживува трансформација и се исправа на две, за потоа да премине во еден поинаков свет.

Тогаш почнува вистинската авантура, налик на брзо возење по фантазмагоричен тобоган, кој понира во универзалните вредности на автентичноста, лојалноста и пријателството. Таа авантура е реална колку што се реални и соништата на долгиот пат кон изгубениот дом. Како што се одмотува патешествието на главниот јунак, се потврдува дека, иако современата наука овозможува да се гледа подалеку, подлабоко, да се види и атомот и сè она во него што до пред извесно време се чинело невидливо, сепак, сè уште не може да се (пред)види што има зад аголот.

Читателот ги следи размислувањата, проткаени со доза на хумор, за тајните на она што ги опкружува ликовите во романот додека се обидуваат да се снајдат и да го преживеат она што непредвидливиот живот им го сервира. Една од тие тајни е испреплетеноста на волјите на Богот на луѓето и на Богот на животните. Вториов ја олицетворува природната адаптибилност, со која животните успеваат да опстанат надвор од радарот на Богот на луѓето.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 46, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 28-30 август 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот