Михаел Шумахер успеа да освои седум титули во Ф1 кариерата/Фото: EPA/DIEGO AZUBEL

Нов документарец за Михаел Шумахер пристигнува на „Нетфликс“ оваа година

Популарната стриминг-платформа „Нетфликс“ најави дека во текот на оваа година ќе биде прикажан нов документарен филм посветен на сезоната во која Михаел Шумахер ја освои својата прва светска титула во Формула 1, пренесува  „Моторспорт“.

Легендарниот германски возач е еден од најуспешните во историјата на овој спорт, со рекордни седум шампионски титули и 91 победа во трки возени меѓу 1991 и 2012 година – достигнување што денес го дели со Луис Хамилтон.

Шумахер ја освои својата прва круна со тимот на Бенетон во 1994 година, ја одбрани титулата и во 1995, а потоа доминираше со Ферари, освојувајќи пет последователни шампионати од 2000 до 2004 година.

Сезоната 1994 остана запаметена како една од најдраматичните во историјата на Формула 1. Таа беше обележана со трагичната смрт на тројниот светски првак Ајртон Сена на Големата награда на Сан Марино, како и со контроверзната завршница во Аделаида, каде Шумахер ја обезбеди титулата по судирот со Дејмон Хил. Во тој период, тимот на Бенетон беше под лупа и поради сомнежи за недозволена техничка помош, иако тие никогаш не беа целосно докажани.

Михаел Шумахер/фото: EPA/ALESSANDRO BIANCHI

Документарецот, насловен „Schumacher ’94“, беше најавен на настан во Берлин и ќе ја реконструира токму таа историска сезона. Во филмот ќе се појави и сопругата на Шумахер, Корина, а продукцијата е на „LEONINE Documentaries“, со режија на Кристин Фрајтаг. Премиерата е планирана за оваа година.

Во најавата се истакнува дека филмот ќе ги прикаже и драматичните настани на патеката, но и човечката страна на Шумахер – како бескомпромисен борец во трките, но и како чувствителен и емпатичен човек надвор од нив. Преку сведоштвата на Корина и блиските соработници, ќе биде прикажана и почетната фаза од нивната љубовна приказна, која трае и денес.

Да потсетиме, „Нетфликс“ веќе во 2021 година го објави документарецот „Шумахер“, а сервисот редовно ја продуцира и серијата „Drive to Survive“ за светот на Формула 1.

Михаел Шумахер не се појавил во јавноста откако во декември 2013 година доживеа тешка повреда на главата во скијачка несреќа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот