Нов адвокатски тим ќе го брани Харви Вајнстин од обвинението за силување
Ново повторно судење за обвинението за силување против поранешниот холивудски продуцент Харви Вајнстин е закажано за 14 април, откако претходниот процес заврши без пресуда, односно со таканаречен „мaјстрaл“ – ситуација кога поротата не успева да донесе едногласна одлука, објави „Ролинг стоун“.
Препорачано
Обвинението, кое според законите на државата Њујорк се води како кривично дело од категорија Е и носи максимална казна до четири години затвор, се однесува на наводите на актерката Џесика Ман.
Во јуни 2025 година, порота во Њујорк го прогласи Вајнстин за виновен по едно обвинение за криминален сексуален чин во повтореното судење. Во исто време, беше ослободен од друго слично обвинение, додека обвинението за силување тогаш заврши без конечна пресуда.
Во првичниот процес од 2020 година, Вајнстин беше осуден за едно тешко сексуално кривично дело и за силување од трет степен, по што беше осуден на 23 години затвор. Меѓутоа, во 2024 година апелациониот суд ја поништи таа пресуда.
Во новото судење Вајнстин ќе го застапува адвокатот Џејкоб Каплан, кој во моментов го брани и Луиџи Манџоне. Во правниот тим се и Марк Ањифило и Тени Герагос, кои претходно беа дел од одбраната на музичкиот могул Шон Комбс, познат како Диди, во процесот за трговија со луѓе и рекетирање. Вајнстин и понатаму го задржува и својот долгогодишен адвокат Артур Ајдала, кој настојува да ја оспори пресудата донесена минатата година.
На почетокот на годината, Ајдала му изјави на судијата Кертис Фарбер во Менхетен дека Вајнстин би размислил за договор со обвинителството доколку казната се издржува паралелно со онаа што веќе ја служи. Во истото рочиште одбраната побара поништување на пресудата од јуни, тврдејќи дека еден поротник бил под притисок да гласа за виновен. Судот го одби тоа барање.
Во обраќање до судијата, Вајнстин престојот во затворот Рајкерс Ајленд го опиша како „марш кон сопствената смрт“, додавајќи дека го прогонува мислата дека таму ќе умре „невиден и нечуен“.
На судењето во мај 2025 година, актерката Џесика Ман изјави пред поротата дека првпат го запознала Вајнстин на забава околу 2012 или почетокот на 2013 година, кога имала 27 години. Според нејзиното сведочење, тој подоцна побарал масажа, а кога ги одбила неговите сексуални предлози, таа сепак еднаш му дала орален секс бидејќи, како што тврди, ѝ рекол дека нема да ѝ дозволи да излезе од собата. Ман исто така изјави дека во март 2013 година, во хотел во Њујорк, ја принудил на сексуален однос додека таа „едноставно не се предала“.
По минатогодишниот процес кој заврши без пресуда, Ман изјави дека јавното сведочење ѝ одзело многу работи во животот.
„Да излезам во јавноста ме чинеше сè – мојата приватност, мојата безбедност. Ја открив својата траума и срам, сè што се обидував да го закопам само за да продолжам да живеам. Сепак, ја кажав вистината, повторно и повторно. Харви се крие зад ПР агенции, адвокати и луѓе ангажирани да заплашуваат. Јас имав само еден глас“, изјави таа.


