Норвешката принцеза е во тешка состојба – ќерката ги прекина студиите за да биде покрај неа, синот веќе се врати дома
Норвешката престолонаследничка Мете-Марит, сопруга на престолонаследникот Хокон од Норвешка, со години се бори со белодробна фиброза – неизлечива болест која постепено го отежнува дишењето.
Препорачано
Според германскиот „Билд“, нејзината состојба значително се влошила, поради што се подготвува за можна трансплантација на бели дробови.
Поради здравствените проблеми на Мете-Марит, семејството се обидува да поминува што повеќе време заедно. Нејзината ќерка, принцезата Ингрид Александра, одлучила привремено да ги прекине студиите во Австралија и да се врати во Норвешка за да биде покрај мајка си.
Дваесет и двегодишната принцеза минатото лето започна студии по меѓународни односи и политичка економија на Универзитетот во Сиднеј. За нејзината одлука да се врати дома зборуваше и принцот Хокон за време на неодамнешната посета на Јапонија.
„Таа наскоро сака да се врати дома, а тоа е поврзано со нашата семејна ситуација. Сака да биде со својата мајка“, изјавил тој.
Сепак, принцезата не планира целосно да се откаже од студиите и има намера да го заврши факултетот, иако во моментов не е познато кога ќе може да продолжи со образованието.
„Колку долго ќе остане дома, ќе видиме. Во моментов е важно да бидеме заедно како семејство“, рекол Хокон, кој поради состојбата на сопругата го скратил своето патување во Јапонија.
И нивниот син, принцот Свере Магнус, неодамна се вратил во Норвешка. Тој извесно време престојувал во Италија, каде што сакал да стекне искуство во филмската и фотографската индустрија во Милано, но во последните недели најголемиот дел од времето го поминува со семејството.


