Луѓе пазарат во маркет / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Ништо од „новогодишната кошничка“ – Мицкоски ја отфрли, вели дека тие мерки не даваат траен ефект

Граѓаните не треба да очекуваат каква било владина интервенција кај цените на храната пред новогодишните и божиќните празници, наспроти поскапувањата, најави вчера премиерот Христијан Мицкоски.

Одговарајќи на новинарски прашања, тој рече дека каков било интервенционизам „ќе значи само префрлање во другите месеци“.

„Тоа го покажа искуството. Можеби тој месец ќе има поевтина цена на артиклите, но трговците тоа го пренесуваат во наредните месеци и на крај нето цената што ја плаќаат граѓаните е повисока. Таква е анализата која што ја направивме и која што е резултат на овие кошнички. И не само тука, туку и сите земји кои што ја примениле таа анализа дошле до тој заклучок“, рече Мицкоски.

Според него, она што било важно е надлежните институции да излезат на терен, што и се прави.

„Овој месец базната инфлација е малку поголема од претходниот месец–два и тоа претежно се должи во делот на овошјето, а делумно и кај зеленчукот и тоа го анализираме“, вели Мицкоски, додавајќи дека ќе испитаат зошто е тоа така, претежно кај берзанските артикли, шекерот и слично, а инспекциите ќе продолжат ревносно да ја вршат својата работа.

Тој посочи дека Државниот пазарен инспекторат повторно ќе излезе на терен заедно со Комисијата на заштита на конкурентност, уште еднаш да направат детална инспекција на маркетите и да се констатира нивното однесување. Сепак, тоа не значи и дека Владата ќе воведе посебни мерки за заштита на потрошувачите.

Неодамна, КЗК симболично казни неколку големи ланци маркети за „картелско здружување“. Мицкоски денеска изјави дека отприлика имаат лоцирано кои биле тие кои што организираат „ваков тип на однесување“, како и дека првичната казна (која инаку не ја одредува Владата, туку независната институција Комисија за заштита на конкуренцијата), била „предупредувачка“.

„Но, доколку не дојде до смирување, а очекувам да дојде до смирување во декември, јануари и февруари, тогаш ќе одиме чекор понатаму, но се разбира не би сакал премногу за тоа јавно да зборувам“, рече Мицкоски.

Владата не планира мерки што ќе ни го олеснат шокот од поскапената храна

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот