Владата не планира мерки што ќе ни го олеснат шокот од поскапената храна
„Засега не се планираат мерки за да се спречи евентуално зголемување на цените на храната, кои внимателно се следат“, вели заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески.
Препорачано
„Ние и натаму ги следиме цените, гледате дека инфлацијата е горе-долу стабилизирана со благ пад. Ако утврдиме дека има такви непазарни, нелогични зголемувања на цените, ќе размислуваме со какви мерки ќе дејствуваме. Сега засега нема да има мерки“, вели Ристески.
Одговорајќи на новинарски прашања, Ристески најави зголемување на глобите за непочитување на Законот за трговски практики. Како што објасни, сега пропишаните максимални 20.000 евра се всушност минимална сума, посебно за поголемите синџири маркети кои многу лесно можат да ја поднесат. Овие законски измени се очекува да бидат донесени и да почнат да важат во почетокот на 2026 година.
Тој напомена и дека е предвидена изработка на стандардизиран софтвер за транспарентност на цените во маркетите што ќе го имаат сите трговци и маркети кои ќе треба редовно да го ажурираат. Софтверот ќе може да го користи и секој граѓанин за да креира сопствена кошничка, согласно цените на производите во неговата околина.


