Николовски: Ќе ги лимитираме износите на трошење на функционерите (ВИДЕО)

Фото: Ристе Пејовски/Слободен печат

На прашањето на Слободен печат зошто додека рестораните во Клубот на пратеници, во Собранието, во Владата и во Домот на АРМ стојат празни, гостите од странство, се носат во луксузни ресторани, а сметката на крајот ја плаќаат граѓаните, Николовски рече дека во иднина многу почесто ќе се користат објектите кои се под надлежност на службата за општи и заеднички работи.

Откако денеска Слободен печат објави дека во 2019 година Министерствата и министрите во Владата потрошиле околу 26 милиони денари за патувања и ресторански услуги  вице премиерот за борба против корупција, Љупчо Николовски, изјави дека не сака да живее во држава во која ќе продолжи бескрупулозното трошење на државни пари за луксузни вечери и патувања.

-Неморално и неетички е секој функционер да одлучува колкав ќе биде лимитот на неговата службена картичка за трошоци. Мора да се стави крај на уживањето во луксузот кој го плаќаат граѓаните. Јас не сакам да живеам во држава во која ќе продолжи ова бескрупулозно трошење на државни пари за луксузни вечери и патувања, рече Николовски.

Тој најави детална анализа на сите трошоци, унифицирање на правилата, и ограничување на луксузот на владините функционери и директорите на јавните претпријатија.

-Ако можам јас да не користам службена картичка, ќе можат и другите. Јас три години ги донирам сите дневници кои ги добивам, а од друга страна разно разни членови на комисии добиваат големи хонорари. Од службените картички не смее да се вади кеш, а такви примери имало порано кога од банкомат во Кратово биле вадени и до 5.000 евра, а се купувале и костими и одела. Toa ќе се реши системски, откако ќе се направи анализа на проблемот, рече Николовски.

На прашањето на Слободен печат зошто додека рестораните во Клубот на пратеници, во Собранието, во Владата и во Домот на АРМ стојат празни, гостите од странство, се носат во луксузни ресторани, а сметката на крајот ја плаќаат граѓаните, Николовски рече дека во иднина многу почесто ќе се користат објектите кои се под надлежност на службата за општи и заеднички работи.

Вицепремиерот зборуваше и за платите на директорите на јавните претпријатија.

-Директори на јавни претпријатија и институции добиваат и до 180.000 денари плата, многу поголеми од самиот премиер и министрите во Владата, но тие директори никој не ги знае и тие како да работат во скриени институции, рече вицепремиерот пред медиумите. Институции како АД Агро-Берза и Јавното претпријатие за стопанисување со спортски објекти се сосема непотребни, ќе треба да го истражиме убаво работењето не само на овие туку и на други јавни претпријатија, кои постојат само за вработување и трошење пари, рече Николовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот