Никој не е виновен што пациент починал дома откако од штипската болница го пуштиле со оток на мозокот, скршени ребра и пршлени

Хирурзи / Штипска болница / Фото Слободен печат

Јавното обвинителство не докажа дека торакален хирург обвинет за тешки дела против здравјето на луѓето, го сторил делото што му се става на товар за пациент што починал во Штип. Хирургот С.П. месецов со правосилна пресуда е ослободен од обвинението дека несовесно постапил при вршењето на лекарската дејност.

Како и сите предмети за тешки дела против здравјето на луѓето, така и овој траеше со години. Тој се однесува на трагедијата што се случила пред пет години кога маж, наместо да биде доиследен во штипската болница, бил пратен дома и за неколку часа починал.

На 12 јули 2019 година, после полноќ, пациентот бил забележан од страна на неговите соседи како беспомошно лежи на бетонската подлога непосредно пред зградата во која живеел. Кога го забележале соседите, тој се обидувал да стане, но не можел, а на прашањата одговарал тивко. По ова соседите повикале екипа на итната медицинска помош која го транспортирала до Клиничката болница Штип.

Таму го примила дежурната лекарка и тој уште бил свесен, контактибилен и ориентиран во просторот. Го снимиле на рентген, а лекар од итната помош ја предал снимката на приемното одделение по што заедно со неговиот тим почекале во ходникот за понатамошни инструкции. Лекарот од тимот на итната медицинска помош укажал дека пациентот треба да го прегледа хирург, по што екипата на итната помош почекала околу 20-30 минути. Но со оглед дека пациентот не бил прегледан од дежурниот хирург во штипската болница и не бил задржан на мониторинг, им било кажано да го однесат пациентот дома, што и се случило.

Откако го однеле пациентот дома, неговата здравствена состојба се влошила и по неколку часа тој починал, како последица на трауматски шок предизвикан од повреди на главата и телото – оток во мозокот со крварење, скршени два пршлени од `рбетниот столб  и две ребра од десната страна на градниот кош. Околу 6 часот утрото, дежурната лекарка го известила обвинетиот хирург дека имало пациент во критична состојба кој бил пуштен дома, каде починал.

Во обвинението кое падна како неосновано, се наведува дека хирургот „несовесно постапил при вршење на својата лекарска дејност, кога не му укажал должна лекарска помош на повреденото лице иако бил на дежурство во болницата и бил во неговата лична соба, на тропање не ја отворил вратата и не се јавувал на телефон поради што дошло до влошување на здравствената состојба на пациентот и до негова смрт“.

Меѓутоа и Основниот суд и Апелација Штип се согласуваат дека обвинителот не го докажал ова.

Хирургот тврдел дека ноќта бил во својата лекарска соба ама никој не го известил дека имало пациент. Лекар и лекарка од дежурната амбуланта тврделе дека се обидувале да го известат својот колега за критичниот пациент, но безуспешно.

„Точно е дека сведокот, доктор А.К,  лекарка во дежурната амбуланта изјавила дека критичниот ден кога пациентот бил донесен кај неа со брза помош за да биде прегледан, го барала дежурниот хирург на неговиот мобилен телефон. Не го добила, па се качила да провери да не е на операција, но не бил таму. Потоа тропнала на вратата од неговата соба – канцеларија, но не влегла внатре. Меѓутоа, ова тврдење и покрај тоа што го потврдува и сведокот доктор Н.С., не може да се потврди зашто обвинетиот негира дека некој телефонски го барал, а не е поткрепено со листинзи на појдовни и дојдовни повици“, навеле од Апелациониот суд Штип во својата пресуда за која не е дозволена жалба.

Вештото лице професор доктор Наташа Давчева, во својата изјава пред првостепениот суд за извршеното вештачење појаснила дека од целокупната документација за пациентот произлегува дека пациентот бил прегледан од ортопед и од доктор по максилофацијална хирургија, кои дале упат за негово снимање, по што изготвеното ЦД било предадено во приемното одделение.

Од таму кажале дека пациентот нема повреди и е пуштен на домашно лекување. Според вештото лице, првиот пропуст во целата постапка е недијагностицирање на повредите, а потоа и медицинскиот извештај од обвинетиот хирург, издаден и покрај тоа што критичната вечер тој пациентот воопшто не го прегледал лично.

„Овој медицински извештај издаден од Клиничката болница Штип издаден и потпишан од обвинетиот лично, како лекар торакален хирург, утрото кога дознал за целиот случај, а по смртта на пациентот, во кој се наведени податоци за пациентот како обвинетиот лично го примил и прегледал, иако не го примил и не го прегледал, како што и самиот кажал пред судот, првостепениот суд правилно заклучил  дека не може да претставува основ за негова осуда по поднесеното обвинение за наведеното кривично дело. Фактот дека обвинетиот го издал овој медицински извештај за пациент кој лично воопшто не го прегледал, со податоци како да извршил непосреден преглед, правилно утврдил првостепениот суд дека може да е основа за обвинение за друго кривично дело, ама такво обвинение не е поднесено“, пишува Апелација во својата пресуда.

Во неа се констатира дека првостепениот суд правилно го ослободил торакалниот хирург за тешки дела против здравјето на луѓето. Според пресудата, ниту од вештачењето од Институтот за судска медицина, ниту од непосредниот распит на вештакот Наташа Давчева, не се утврдило дека обвинетиот постапил несовесно или презел какво било дејствие на лекување или укажување лекарска помош кое би можело да се поврзе со смртта на пациентот, ниту пак тој како дежурен хирург ја предизвикал последицата.

Судот констатирал дека од доказите произлегло дека докторот немал можност да укаже лекарска помош, дека критичната вечер никој не го известил за пациентот, така што не можел да одлучи во однос на потребата пациентот да се задржи на болничко лекување.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот