„Никогаш не сум почувствувал ваква злоба“: Хулио Иглесијас ги негира обвинувањата за сексуална злоупотреба
Шпанскиот пејач Хулио Иглесијас, кој беше обвинет за сексуално и психолошко злоставување од страна на две поранешни вработени, ги негираше обвинувањата и рече дека никогаш „не присилил ниту омаловажил ниту една жена“, пренесува „Евроњуз“.
Препорачано
Тој се огласи преку објава на својот инстаграм-профил во која рече дека обвинувањата се „целосно лажни“, дека никогаш не чувствувал „ваква злоба“ и дека е жртва на „клевета“.
Како што рече, има сила да го одбрани своето достоинство и да се осигура дека „луѓето ќе ја знаат целата вистина“.
– Со големо жалење одговарам на обвинувањата на две лица кои порано работеле во мојата куќа. Никогаш не сум злоупотребувал, присилувал ниту омаловажувал ниту една жена. Овие обвинувања се апсолутно лажни и длабоко ме повредуваат – напишал Иглесијас.
Две жени кои работеле во неговите вили на Карибите, го обвинија пејачот за сексуален напад и во тужбата наведоа дека биле сексуално нападнати и подложени на „несоодветно допирање, навреди и понижување, во атмосфера на контрола и постојано вознемирување“.
View this post on Instagram
Наводните напади, за кои се вели дека се случиле во 2021 година, станаа јавни во вторник по тригодишна заедничка истрага на шпанскиот новински сајт „Ел Диарио“ и телевизиската мрежа на шпански јазик „Јунивижн“.
Според истрагата на новинарот, жените немале договори за работа, морале да ја покажат содржината на своите телефони, па дури и им било забрането да го напуштат живеалиштето, а како што навеле, биле подложени на тестови за ХИВ, хепатитис и хламидија, како и на гинеколошки прегледи.
Жените наводно биле контролирани од доверливите асистенти на пејачот, кои понекогаш биле сведоци на злоупотребата, а понекогаш учествувале во неа.


