Хулио Иглесијас / Фото: SYSPEO / Sipa Press / Profimedia

Шпанија размислува да му го одземе орденот на Хулио Иглесијас по обвинувањата за сексуално вознемирување

Шпанската влада ја разгледува можноста да му го одземе Орденот за уметност на пејачот Хулио Иглесијас, кој му беше доделен во 2010 година, по обвинувањата за сексуално вознемирување изнесени од поранешни вработени во неговиот тим.

Како што пренесува шпанскиот весник „Диарио“, прашањето за евентуалното одземање на орденот ќе се разгледува на наредната седница на Советот на министри, најверојатно следниот вторник.

Потпретседателката на шпанската влада и министерка за труд, Јоланда Дијаз, изјави дека одземањето на орденот не ја нарушува претпоставката на невиност и дека настаните што се предмет на истрага „бараат соодветен и примерен институционален одговор“. Таа додаде дека Министерството за труд во моментов проверува дали постои основ Инспекторатот за труд да покрене официјална постапка.

Министерот за култура, Ернест Уртаcун, изрази „огорченост и одбојност“ од информациите што излегоа во јавноста, оценувајќи дека постои можност да станува збор за „претпоставен случај на трговија со луѓе“. Од друга страна, министерката за еднаквост Ана Редондо смета дека пред донесување каква било одлука треба да се почека исходот од правната постапка, со цел да се почитуваат законските процедури и правата на жртвите.

Шпанските медиуми, повикувајќи се на истрагата на „Диарио“, објавија дека од вработените наводно биле барани ултразвучни прегледи и тестирања за ХИВ и кламидија, како и дека резултатите биле достапни за лица од неговиот тим. Дополнително, се наведува дека жените биле изложени на сексуално вознемирување за време на нивниот ангажман.

Владата повика случајот да биде целосно и темелно истражен, нагласувајќи дека никој не е над законот, без оглед на статусот што го има во јавноста.

Иглесијас изразил сериозна загриженост поради обвинувањата, особено поради меѓународниот одек на истрагата, оценувајќи дека неговиот углед е „сериозно нарушен“. Тој ангажирал адвокатски тим и, според наводите, е подготвен да го брани својот став пред суд доколку постапката продолжи.

Две жени кои работеле за шпанскиот пејач поднеле кривична пријава до Националното обвинителство на Шпанија за настани од 2021 година. Тие тврдат дека биле сексуално злоупотребувани додека работеле во неговите вили во Доминиканската Република и на Бахамите.

Едната од нив опишува пенетрација со прсти, како и физичко и вербално злоставување, додека другата наведува дека била присилно допирана и бакнувана против своја волја, пренесува „Диарио“. Двете жени тврдат дека, покрај сексуалните злоупотреби, биле изложени и на постојани навреди, понижувања и строга контрола за време на работниот ден.

Во рамки на повеќегодишната новинарска истрага, новинарите на „Диарио“ разговарале со 15 поранешни вработени и прибрале обемна документација која, според нивните тврдења, ги поткрепува обвинувањата за злоупотреби, вклучително и медицински извештаи, фотографии и приватни пораки.

Легендарниот Хулио Иглесијас обвинет за сексуално злоставување на две жени

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот