ВИДЕО: Во прекин сообраќајот на патот Охрид – Свети Наум, невреме во Прилеп
Силно невреме со дожд и град вечерва предизвика свлечиште на регионалниот пат Охрид – Свети Наум, кај селото Љубаништа и сообраќајот на тој пат е целосно во прекин.
Препорачано
Центарот за управување со кризи (ЦУК) соопшти дека поради невремето кое го зафати југоисточниот дел на општина Охрид во реонот на с.Трпејца и с.Љубаништа проследено со големи врнежи дојде до излевање на вода, земја, чакал и поситни камења на регионалниот патен правец Охрид – Св. Наум во с.Љубаништа.
„Сообраќајот целосно беше прекинат од 19:15 часот и во овој момент истиот е оспособен преку помошни локални патишта. На терен се присутни и интервенираат на санирање екипи на ЈП за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта – секција Охрид и ЈП Охридски комуналец”, соопштија од ЦУК.
Досега немало пријавено штета, освен реакции од граѓани за прекинот во електричната енергија.
Обилни врнежи од дожд попладнево го зафатија и Прилеп. Според ЦУК, водостојот на реките е зголемен и засега на некои места има излевање на реката од речното корито во Прилеп. Раководителот на РЦУК- Прилеп побарал од Територијалната противпожарна единица Прилеп и ЈП „Водовод“ да има дополнителна дежурна екипа доколку има потреба од дополнителни сили.


